Со помалку гласови поголема победа: Бројките на триумфот на ВМРО-ДПМНЕ

На ланските избори разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беше 280.000 гласови, а сега 176.000. А сепак победата е поголема.

ВМРО-ДПМНЕ доби 130.000 гласови помалку отколку на ланските парламентарни избори, а сепак однесе триумфална победа на комуналното гласање во неделата. Причината не е само во тоа што имаше помала излезност за 110.000 од ланските избори (995.000 наспроти 884.000), туку и поради тоа што расположението на гласачите не е толку акламативно кон партијата како лани.

На ланските избори ВМРО-ДПМНЕ освои 430.000 гласови, а на неделните на листите за советници „само“ 301.000. Тоа е за околу 12.000 гласови повеќе од 2021 кога однесе неочекувано висока победа на локалните избори. Премиерот Христијан Мицкоски на последното интервју пред изборите на Канал 5 тврдеше дека според неговите проценки направени од прегледот на анкетите што постојано ги прават, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои меѓу 350-360.000. Неговата проценка се покажа како погрешна, но таа за СДСМ како точна. СДСМ доби поддршка за листите за советници од 125.000 гласачи.

Разликата меѓу двете партии е голема, но таа е драматично намален во однос на парламентарните избори. Без оглед што излезноста беше помала. На парламентарните избори коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ имаше победа со 280.000 гласови разлика. Сега таа разлика е 176.000. Во размер, ВМРО-ДПМНЕ лани го победи со 2,8:1, а сега 2,4:1.

Но не се губитници само двете најголеми партии во македонскиот блок. Гласови загубија и Левица и ЗНАМ, со тоа што партијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски претрпе поголема ерозија. Според податоците, на листите за советници Левица освоила 58.000 гласови (10.000 помалку отколку на парламентарните избори), додека ЗНАМ се стркала надолу кон 39.000 (16.000 помалку).

На ваквиот губитнички резултат на сите страни влијаеше и тоа што имаше многу независни листи во поголемиот број општини, но тие освен на неколку места (како во Скопје) не однесоа драматичен број гласови. Граѓаните не се задоволни од досегашното раководење на владата, но сепак ѝ дадоа уште една голема шанса. Тоа особено се виде на гласањето за градоначалник на Скопје, каде Каја Шукова, која е потпретседател на СДСМ, е дури четврта по бројот на гласовите. Прв пат во плуралната историја СДСМ нема да има претставник во вториот круг од гласањето. Исто е и во Куманово – организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, исто така е четврти на изборите. Тоа е драматичен пораз за СДСМ во Куманово. (Независен)