Над еден килограм златен накит заплениле царинските службеници на граничниот премин „Богородица“, информираат од Царинската управа.
Накитот бил откриен при претрес на патник, а му бил скриен во внатрешниот дел од панталоните и во долната облека.
Златото било спакувано во четири ќеси во кои имало 60 ланчиња, 13 прстени, 128 обетки и 48 нараквици.
Вредноста на златниот накит, како што информираат од Царинската управа, се проценува на четири милиони денари, а со обидот тоа да биде внесено непријавено се избегнувало плаќање на увозни давачки во висина од еден милион денари.
Од царинската управа велат дека златото ќе биде предадено во Народна банка, а против патникот ќе биде поднесена кривична пријава.