Со Груевски започнува тестот за измените на Кривичниот законик – се суди „Титаник“, а експремиерот треба да биде ослободен за едно дело

 

Прво по измените во Кривичниот законик, денешното рочиште за предметот „Титаник“ ќе покаже како обвинителството ќе постапува по законските одредби кои власта ги промени по брза постапка и со европско знаменце.

Во предметот, делото „злосторничко здружување“ е единственото кое е изменето со гласањето на пратениците, а досега не беше застарено за експремиерот Никола Груевски и поранешниот владин генерален секретар, Кирил Божиновски.

Бидејќи измените предвидуваат максимална затворска казна од три години, наместо во 2024 година, за нив делото веќе е застарено.

Претходно, делото застаре за 14-мина кои беа обвинети дека го сториле делото, а како организатори беа посочени Никола Груевски, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер. Но со сегашните измени, делото застарува и за организаторите, од кои тројца признаа вина и веќе ги одлежуваат казните.

На товар на обвинетите сега ќе останат делата „повреда на избирачкото право“, „повреда на слободата на определување на избирачите“, „поткуп при избори и гласање“, „уништување изборен материјал“ и „злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања“.