Со вино брендирано со амблем на АНБ и многу тајни информации- пратениците низ задна врата и без споделување детали заминаа oд кругот на МВР

Пратениците и претходно на комисијата најавија дека нема да зборат многу бидејќи податоците се тајни и класифицирани туку се ќе заврши со соопштение на собраниските служби.

Влегоа на предната порта на МВР, по надзорот во Агенцијата за национална безбедност си заминаа од службената капија од задната страна. Пратениците од надзорот беа без телефони, со службено комби и со многу прашања за раководството на тајната служба за следење на политичари, јавни и медиумски личности и други незаконски активности како што тврди актуелното раководство на АНБ, јавува Телма.

-Јас имам подготвено 30 прашања. Едно од тие прашања кои ќе ги поставам е: што се случува со полиграфистот кој се посочува, барем во брифинзите, кои ги има дел од јавноста, како клучен односно лицето што ги спровело полиграфските тестирања. Дали е тој сè уште на работа, дали заминал, дали заминал под притисок и така натаму, изјави пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, која најави и прашања за смена на шефот на внатрешната контрола на АНБ пред да се спроведе внатрешната истрага.

-Да видиме кој и колку бил таргет, да видиме кои мерки биле користени против тогашната опозиција, да видиме што е испратено до Обвинителството на Република Македонија и конечно овие институции да ги решат овие работи за повеќе никогаш да не ни се случуваат во рамки на македонското општество, бидејќи сметам дека службите треба да бидат чувари на државата, а не генератор на кризи во државата, изјави пред надзорот, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.

На заминување, пратениците си понесоа и сувенири, секој во сина кесичка носеше вино брендирано со амблемот на АНБ кои изминатиот период со тендер ги набави Агенцијата за презентација.

Пратениците и претходно на комисијата најавија дека нема да зборат многу бидејќи податоците се тајни и класифицирани туку се ќе заврши со соопштение на собраниските служби.

Петровска е единствен член од опозицијата кој замина во посета на тајната служба бидејќи останатите членови од опозицијата немаат одговор на барањата за да добијат сертификат за државна тајна и АНБ и ДБКИ не им одговараат подолго од крајниот законски рок од 6 месеци со што се крши законот.

-Конкретно јас пред повеќе од шест месеци имам поднесено барање за безбедносен сертификат државна тајна иако Законот за класифицирани информации децидно предвидува дека треба да добијам одговор во рок од шест месеци, јас немам добиено одговор на моето барање. Не знам дали тоа е можеби од некој политички реваншизам затоа што Левица прва го обелодени скандалот со дипломата на директорот на АНБ, па сега поради тоа јас не можам да ја вршам мојата пратеничка функција, истакна Јована Мојсоска од Левица и го посочи примерот со вицепремиерот Фетаи кој има сертификат „ДРЖАВНА ТАЈНА“ иако има двојно државјанство, а немаат пратеници за надзор врз тајните служби кои им ги издаваат безбедносните проверки.

-Пред јавност тука, бесмислено е пратениците да немат сертификат, ниту членовите и замениците членови. Ова парламентарно мнозинство, носи многу закони тука јавно упатувам покана, пратениците по автоматизам да имаат безбедносен сертификат и да имаат пристап до безбедносни информации. Особено тоа важи за членовите на надзорните комисии, изјави заменик претседателот на комисијата за надзор на АНБ и АР, Блерим Беџети кој нема сертификат како и комисискиот претседател Скендер Зејд Реџепи.

Пратениците од власта не одговорија на овие наводи поради што надзорот врз тајните служби е закочен и речиси без опозиција, но побараа и беше изгласано, наредниот ден по АНБ да се посети и Агенцијата за разузнавање односно на 11.09.2025. точно на пладне.

Пред 6-тиот роденден на АНБ, новото раководство на Агенцијата предводено од директорот Бојан Христовски обелодени сомнежи за незаконско следење на јавни личности меѓу кои и на премиерот Мицкоски додека бил во опозиција.

И покрај барањата за декласификација на документите, АНБ тврди дека се должни да ги „заштитат податоците, средствата, методите и изворите“ на Агенцијата.

Извор Телма.мк