
Со бесшумен огномет и шоу со дронови Атина ја дочека новата година
Со концерт на централниот плоштад Синтагма, со бесшумен огномет и шоу со над 650 дронови, Атина ја пречека новата година, а организирани дочеци во грчката метропола имаше и на неколку други локации, јави дописничката на МИА од Атина.
Со концерт на централниот плоштад Синтагма, со бесшумен огномет и шоу со над 650 дронови, Атина ја пречека новата година, а организирани дочеци во грчката метропола имаше и на неколку други локации, јави дописничката на МИА од Атина.

И покрај ниските температури, Грците, но и туристите го исполнија централниот плоштад, каде што концертот беше посветен на познатиот грчки пејач, композитор и текстописец. Дионисис Савопулос, кој почина пред два месеци.

Точно на полноќ присутните уживаа во импресивен огномет, кој исто како и лани, така и оваа година беше бесшумен и еколошки, што според Општината Атина е со цел да се заштитат граѓаните кои се чувствителни на силни звуци, како и животните во градот.

Паралелно небото над Атина се исполни со шоу од над 650 дронови, најголемо досега во Атина.
Кусо пред одбројувањето, дел од присутните на Синтагма подигнаа и плакати за поддршка на земјоделците кои веќе еден месец протестираат.

Организирани дочеци на Новата година имаше и во божиќното село на Периферијата Атика како и во Културниот центар на Фондацијата „Ставрос Ниархос“, каде што веднаш по полноќ се одржи и традиционалниот 2026 FIRST RUN, односно првата трка во годината.
Во Солун, оваа година за дочек на Новата година се одржа забава на отворено кај Белата кула со учество на познати диџеи од светски ранг, проследено со ласерско шоу и огномет.

Од друга страна, земјоделците, кои протестираат од 30 ноември, иако ги отворија автопатиштата за време на Нова година, сепак останаа на блокадите и токму таму ја дочекаа Новата година.