Со арбитражата, Казандол ја изгуби и концесијата, рудникот нема да се отвори, вели Мицкоски

„Го изгубија тоа, значи дека тие веќе немаат концесија. Така што, не е вистина дека со ова што компанијата изгубила сега веќе ќе има отворање на рудникот. Тоа повторно е конструкција и обид за манипулација од одредени кругови кои што не ѝ мислат добро на Македонија и на граѓаните во Македонија“, изјави премиерот Мицкоски.

Со губењето на спорот пред меѓународниот арбитражен суд, изгубена е и концесијата за рудникот Казандол, така што рудникот нема да се отвори. Ова денес го изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите по отворањето нова хала на компанијата „Амфенол“ во Општина Кочани.

„Вистинското прашање е како во минатото пракса беше да се губат арбитражите и како сега арбитражите се добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи. Да видиме зошто тоа се случувало во минатото. Да, ние направивме одредени промени во адвокатскиот тим, но некако симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи како по правило, а сега ги добиваме како по правило“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во случајот станува збор за арбитража која што вредеше околу 115 милиони евра, односно толку било тужбеното барање кое го тужителот го побаруваше од тужениот, во случајот Македонија.

„Причина да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на Владата за формирање на рудникот Казандол“, рече Мицкоски појаснувајќи дека сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, дека имаат штета и покренале арбитража против државата барајќи оштета од 115 милиони евра.