
Социјал-либералите водат на изборите во Холандија
Според резултатите од 49,9 отсто преброени гласови, Д66 освоила 27 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент, пред ПВВ со 25 мандати и конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Дилан Јешилѓоз-Зехериус со 23 пратенички места.
Социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) на 38-годишниот Роб Јетен, според досега преброените гласови, е во водство на вчерашните вонредни парламентарни избори во Холандија, оставајќи ги зад себе фаворите за победа според анкетите – десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс и блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелена левица (ГЛ) на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс.
Според резултатите од 49,9 отсто преброени гласови, Д66 освоила 27 места во 150-члениот Долен дом на холандскиот Парламент, пред ПВВ со 25 мандати и конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на Дилан Јешилѓоз-Зехериус со 23 пратенички места.
Блокот на лабуристите и зелените на Тимерманс освои 20 пратеници, а десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА) на Хенри Бонтенбал 19 мандати. На шестото место се пласира десничарската партија Вистински одговор 21 (ЈА21) со освоени девет пратеници, пред десно популистичките Форум за демократија (ФВД) со шест и Движење на земјоделците-граѓани (БББ) со четири мандати.
Места во Парламентот, освоиja уште седум партии. Партијата за животните (ПВДД), партијата на холандските Турци, Еднаквост (Денк), конзервативната Реформистичка политичка партија (СГП) I левата популистичка Социјалистичка партија (СП) ќе имаат по три пратеници, демохристијанската Христијанска унија (ЦУ) и партијата на пензионерите 50 Плус (50+) освоија по два мандати, а социјал-либералната Волт едно пратеничко место.
Според аналитичарите, ваквите резултатите навестуваат дека формирањето на новата Влада нема да оди лесно, бидејќи за обезбедување парламентарно мнозинство ќе биде потребна коалиција од најмалку четири партии.
– Тоа по дефиниција значи дека формирањето на коалицијата ќе биде комплицирано. Секој треба да добие нешто, а тоа е многу покомплицирано со четири, отколку со три партии, изјави политичкиот аналитичар Арјан Норландер во гостувањето на холандскиот јавен радиодифузен сервис НОС.
Ваквите резултати засега целосно се поклопуваат со предвидувањата од излезните анкети на агенцијата Ипсос ИО и на телевизиите НОС и РТЛ, објавени веднаш по затворањето на гласачките месата во 21 часот. Резултатите од овие излезни анкети ги донесоа првите партиски реакции на изборите, но и првата оставка од лидерска позиција.
Лидерот на победничката Демократи 66, Роб Јетен порача дека партијата на овие избори го постигна својот најдобар резултат досега и станала најголемата партија во Холандија.
– Сведоци сме на нешто навистина извонредно и ова ќе биде многу возбудливо време. Но, едно е сигурно, милиони Холанѓани ја свртија страницата. Тие се збогуваа со политиката „не може да се направи“. Тие избраа позитивните сили и политиката што ќе ни помогне да гледаме напред, рече Јетен.
Тој додаде дека чувствува огромна одговорност во наредниот период да биде тука не само за гласачите на Д66, туку и на милионите останати Холанѓани кои гласале за други партии.
– Ќе направиме се што можеме за да им покажеме на сите Холанѓани дека политиката и Владата можат да бидат тука за нив. За да се постигне ова, во наредниот период ќе биде потребно политичко лидерство од сите позитивни сили на политичкиот центар за да се оствари соработка, рече Јетен.

Според Јетен, ако се погледне бројот на освоени места, многу логична опција за коалиција е онаа на неговата Д66, ВВД, ПВДА-ГЛ и ЦДА, која би имал 89 пратеници или 13 повеќе од потребните за парламентарно мнозинство.
Лидерот на ПВВ, Герт Вилдерс во објава на социјалните мрежи, веднаш по објавувањето на излезните анкети, порача дека очекувал „поинаков резултат“ од изборите.
– Гласачите се изјаснија. Се надевавме на поинаков резултат, но останавме на своите позиции. Поборбени сме од кога било досега и остануваме втора, а можеби дури и најголема партија во Холандија, наведе во објавата Вилдерс, чија партија од досегашните 37 падна на 25 пратеници.
Подоцна во текот на ноќта Вилдерс пред новинарите изјави дека дури и добиените 25 места претставуваат втор најдобар изборен резултат на партијата досега.
– Стојам гордо. Изгубивме, а Јетен победи, изјави Вилдерс, додавајќи дека би сакал ПВВ да биде дел од новата Влада, но ако тоа не се случи, партијата ќе биде „силна опозиција“.
Запрашан дали по ваквиот изборен резултат планира повлекување од местото лидер на ПВВ, 62-годишниот Вилдерс одговори: „Нема да се ослободите од мене додека не наполнам 80 години“.
Лидерката на ВВД, Јешилѓоз-Зехериус изрази задоволство од резултатите на овие избори на кои партијата освои едно пратеничко место помалку од досегашните 24, но значително повеќе од она што и го предвидуваа предизборните анкети.
– Ве сакам. Вечерва ќе се забавуваме, им порача Јешилѓоз на своите сопартијци и симпатизери, оценувајќи дека изборните резултатите покажале оти партијата се уште „стои исправено и гордо“.
Од друга страна, лидерот на блокот на лабуристите и зелените, Франс Тимерманс изрази разочарување од освоените 20 мандати, што е пет помалку од досега и соопшти дека поднесува оставка на лидерската функција.
– Малку сум разочаран од резултатите на изборите. Не успеавме да убедиме доволно луѓе да гласаат за нас. Ја преземам целосната одговорност за тоа, изјави 64-годишниот Тимерманс, додавајќи дека дошло време да се повлече и лидерската позиција да ја препушти на „следната генерација“.
Лидерот на ЦДА, Хенри Бонтенбал, пак, порача дека партијата постигнала импресивен резултат откако во новиот парламентарен состав ќе има 19 пратеници, наместо петте освоени на претходните избори во 2023 година.

– Резултатот е импресивен. Се вративме. Каков фантастичен резултат. Не се ни осмелувавме да сонуваме за ова пред две години, рече Бонтенбал.
Тој додаде дека ЦДА „останала верна на себе“ и ваквиот резултат го постигнала со „вистински демохристијански наратив“. – Тоа покажува дека Холандија копнее по нов политички пат, истакна Бонтенбал.
Јост Ердманс, лидер на ЈА21, која досега имаше само еден пратеник, а сега освои девет, повика на формирање на „коалиција на десниот центар“, на која за мнозинство би и била „неопходна“ неговата партија.
– Ако се собере се, добивате 78 места за коалицијата од десниот центар. Дефинитивно има шанса за тоа, изјави Ердманс, алудирајќи на коалиција што би ја сочинувале Д66, ВВД, ЦДА и ЈА21.
Лидерката на Форумот за демократија (ФВД), Лидевиј де Вос изрази задоволство од резултатот на партијата на изборите, која ги удвои бројот на пратенички места од три на шест.
– Каква победа. Тоа е јасен сигнал од гласачите дека работите во Холандија треба да се променат, рече Де Вос во обраќање пред поддржувачи на партијата, при тоа честитајќи им на Јетен и Вилдерс и посакувајќи им „многу мудрост“.
Лидерката на БББ, Каролин ван дер Плас, пак, изјави дека е разочарана што нејзината партија освои само четири мандати, за разлика од досегашните седум. – Секако дека сме разочарани кога губиме места, рече Ван дер Плас.
Сепак, таа истакна дека е горда што БББ беше дел од досегашната Влада, откако како новоформирана партија успеа да освои пратенички места на претходните избори и да стане дел од претходната владина коалиција.
– Горди сме на тоа. Сега имаме четири мандати. Тоа е доказ дека за БББ има место во холандската политика, додаде Ван дер Плас.
Инаку, најголем губитник на овие избори е демохристијанската партија Нов социјален договор, која во 2023 освои 20 пратеника и стана дел од досегашната Влада, но сега остана надвор од Парламентот.
Вчерашните избори се одржаа 23 месеци по претходните, откако во јуни годинава се распадна владината коалиција затоа што од неа истапи ПВВ на Вилдерс, незадоволна од мигрантската политика на Владата.