
Социјалните мрежи треба законски да се регулираат и во Македонија
Во дебатата беше пренесена и реакција на граѓанин дека нема ништо пострашно од Македонец на интернет, по што беше нагласено дека оговарањето постои откако постои и човештвото и, ако тоа не е нормално во реалниот свет, не е нормално и во виртулениот, во контекст на политичките препукувања и организирање ширење на дезинформации и лажни вести на интернет.
Содржините објавени на социјалните мрежи мора да станат предмет на регулација бидејќи станаа главен извор на информирање, но и дезинформирање на граѓаните, а на второто најмногу подлегнуваат младите. Ова се дел од заклучоците произлезени од денешната панел-дискусијата „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“ во организација на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Емилија Петреска Камењарова од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нагласи дека АВМУ нема директна законска надлежност да ги открива и да се справува со дезинформациите, туку да ја поттикнува медиумската писменост.
– Децата младите од 14 до 17 година се многу специфична категорија млади луѓе, се наоѓа во таа фаза на психолошкиот развој што лесно потпаѓа под влијание, рече Петреска Камењарова. Според неа, од јули 2023 година со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се направи усогласување со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската унија, така што Агенцијата како регулаторно тело стана надлежна за и платформите за споделување видеа – Фејсбук, Јутјуб, Тик-Ток.
Снежана Трпевска од Институт РЕСИС истакна дека постојано се повикува дека како општество мора да се организираме со методи како што е медиумската писменост, јакнење на образованието, меѓутоа, како што рече, не ни одат во прилог многу работи, бидејќи се помалку се чита.
-Надлежноста над онлајн платформите, јурисдикцијата за примената на одредбите од Регулативата за дигитални услуги ја имаат оние регулатори каде се востановени платформите, односно каде имаат седиште. По една година имплементација Регулативата за дигитални услуги се уште не е доволно јасна и има многу недостатоци, особено во поглед на тоа како треба да функционира овој замислен заштитен механизам во областа на дезинформациите. На ниво на држава има отсуство на поддршка. Самите држави членки ќе треба да им дадат поддршка на таквите организации. Со случајот, кога би ја имплементирала Регулативата за дигитални услуги, нашата држава треба да се потруди да обезбеди средства за ние да имаме такви организации кои ќе помогнат во разоткривањето на дезинформациите, рече Трпевска.
Таа сепак нагласи дека од 2023 година стојат подготвени од експерти законски решенија за оваа сфера кои ќе не усогласат со новите регулативи на Унијата, а кога ќе влезат во процедура, некој нешто брише, некој додаваа по што се добиваат „Фракнкештајн закони“. Таа го спомена и Законот за медиуми кој се менува на парче иако состојбите во оваа сфера радикално се сменија и тој не кореспондира со реалноста.
Во дебатата беше пренесена и реакција на граѓанин дека нема ништо пострашно од Македонец на интернет, по што беше нагласено дека оговарањето постои откако постои и човештвото и, ако тоа не е нормално во реалниот свет, не е нормално и во виртулениот, во контекст на политичките препукувања и организирање ширење на дезинформации и лажни вести на интернет.
Светлана Сиљјаноска, консултантка за стратешки комуникации и справување со дезинформации се осврна на штетната улога на алгоритмите на социјалните мрежи кои ги затвораат луѓето во ехо комори и придонесуваат за засилување на дезинформациите и други штетни содржини, за поларизација на општеството кое, како што посочи, најчесто завршува со некаква радикализација и се пренесува и во физичкиот простор со обиди и со вршење на конкретно насилство.
-Граѓаните кај нас главно информациите ги консумираат преку социјалните мрежи, меѓутоа свесни се дека дезинформациите доаѓаат од таму. Јасно е дека треба да ни се случи регулација и треба да го направиме тоа на многу внимателен начин. Јас исто не сум фан на пререгулација затоа што не верувам дека може со пререгулација да се постигне каков било позитивен напредок, меѓутоа и отсуство на регулација како што ќе видиме остава простор добар дел од граѓаните да бидат незаштитени. Социјалните мрежи не би требало да бидат просторот каде што насилниот екстремизам, радикализам, тероризам, ќе биде дозволени под капата на слобода на говор. Изложувањето на содржини особено на малолетната популација не смее да биде занемарено од регулирањето, рече Сиљјаноска.