Софија Лорен денес полни 90 години
Софија Лорен призна дека со наполнети 90 години има направено многу во својот живот, но дека не постигнала сè што посакувала.
„Целиот живот се обидувам да имам британски акцент“, се пошегува филмската легенда со италијанско потекло, којашто денес го прославува својот роденден.
Софија Лорен навистина живееше живот поголем од соништата коишто ги имала како дете, додека растела во Наполи во текот на Втората светска војна. „Навистина ја преживеав војната“, вели Лорен.
„Бомбардирање насекаде и убивање на сите. Беше навистина грозно, а пари немаше, дури ни за храна“ вели Лорен.
Меѓутоа Софија била одлучна и полна со надеж, како тинејџерка започнала да учествува на натпреварите за убавина. На дваесетгодишна возраст таа ја одигра својата револуционерна улога во филмот „Златото на Наполи“ од 1954 година, а четири години подоцна пристигнала во Холивуд притоа не знаејќи ниту еден англиски збор.
„Бев потполно изгубена, но имав желба да учам“, вели Лорен. Кога го освои оскарот за „Две жени“, Софија веќе беше меѓународна ѕвезда.
„Софија направи сè што беше на нејзиниот список. Имаше исполнет живот и ништо не би сменила“, изјави еден од пријателите на актерката.
Од друга страна, Софија е горда и на својот 41 годишен брак со покојниот Карло Понти со којшто има двајца синови. „Имам деца, имам внуци. Мислам дека стасав до мирен живот. Имам сè што некогаш сум посакувала“, вели актерката.
По смртта на Карло во 2007 година, Софија, направи пауза во кариерата, во луксузниот стан во Женева, којшто го поседувала повеќе од 50 години. „Таму се родени моите синови, Карло и Едоардо“, вели Софија за станот којшто се наоѓа во градскиот кварт од Стариот град.
По целиот живот исполнет со патувања низ светот, таа се чувствува среќно кога е дома со своите семејни фотографии и спомени. „Во оваа фаза од нејзиниот живот, страстите на Софија се да го поминува времето со внуците, седејќи во својата градина, гледајќи некои од нејзините омилени серии или класични филмови“, вели пријателот на Лорен. „Таа сака да се чувствува удобно, да има добри разговори со пријателите и да јаде добра храна“, додава тој.
Минатата година не беше лесна, бидејќи минатиот ноември, Софија во бањата паднала и скршила повеќе коски, вклучувајќи го колкот и коската на бутот, па поради тоа имала операција и повеќемесечна рехабилитација. „Сè уште не е 100% добро“, вели пријателот на актерката.
„Одењето е некогаш проблем и таа се плаши дека повторно ќе и се случи слична незгода. Но умот на Софија е дефинитивно тука. Таа малку повеќе заборава од порано, но се смее и вели дека отсекогаш била таква“, додава пријателот.
Софија од друга страна вели: „Кога ќе се погледнам в огледало, навивам за себеси. Не прашувам: „Дали си добро? Така се чувствувам одвнатре, колку сум сигурна, колку сум среќна. Тоа е она што е важно“, пишува „Yhoo News“.