
Ден по изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, дека влијателни членки на ЕУ иницирале средба меѓу него и бугарскиот колега Георг Георгиев, но бугарската страна не одговори позитивно, официјална Софија ги нарече наводите „нејасни и манипулативни“.
Во разговор за Сител Муцунски рече дека во декември имало „сериозни иницијативи од неколку земји членки на Европската унија за организирање средба помеѓу мене и мојот колега од Бугарија, Георг Георгиев. Иницијативите за средба дојдоа од поголемите и повлијателните членки на ЕУ. Но од Бугарија немаше позитивен одговор“. Овие денови, вели Муцунски, од Брисел повторно стигнале иницијативи за средба, а македонската влада одговорила дека стои на располагање.
Во соопштение Министерството за надворешни работи на Бугарија изразува „длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за ‘иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ’ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава вакви нејасни и манипулативни изјави“, вели бугарското МНР.
Од таму нагласуваат дека европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Македонија. „Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Спроведувањето на сите мерки наведени во консензусот, со цел унапредување на процесот на европска интеграција, зависи исклучиво од Скопје“, вели Софија.
Бугарското МНР вели дека Муцунски бил тој што бил неподготвен за дијалог и дека одбил посета на Софија.
„Секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. Од почетокот на мандатот на сегашната влада на Република Северна Македонија, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји“, се вели во соопштението.
Во врска со нацрт-планот за правата на заедниците, Софија вели дека тој бил отфрлен од бугарската заедница во Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи во него за гарантирање на заштитата на човековите права и очекува „да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“.
Муцунски во интервјуто рече дека кога другата страна ќе биде подготвена треба да се разменат аргументите и да ги „кажеме нашите објективни грижи“.
„Нашиот страв, дека повторно и да се донесат уставните измени, нашата држава ќе биде ставена во иста позиција заради прашања поврзани со идентитет, историја и јазик. Да ги кажеме нашите грижи за непримената на пресудите на Европскиот суд за човекови права од страна на соседна Бугарија. Да дискутираме отворено како соседи кои во последните неколку месеци покажаа на пример по прашањето на коридорот 8 дека можеме да постигнеме успех доколку сакаме“, рече Муцунски.