Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето на Марјан Стаменковски – сопственик на порталот „ДоказМ“ обвинет за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.
Адвокатот на Стаменковски, Коста Најков по завршувањето на денешното рочиште изјави дека се надева дека ќе успее да докаже дека неговиот клиент извршил вербален деликт а не кривичните дела за кои е обвинет.
„Очекуваме ослободителна пресуда затоа што ова е враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без оглед на тоа што пишувал Стаменковски и дали тоа му се допаѓало некому или не ние овде зборуваме за кривична одговорност и за тоа дали тој извршил или не извршил кривично дело. Се надеваме дека ќе докажеме дека тој не извршил никакво кривично дело“, изјави Најков.
Тој нема информации за тоа што се случува со другиот предмет на кој работи Основното обвинителство Скопје по проширувањето на истрагата за Стаменковски, а по пријава и на други граѓани кои сметаат дека се оштетени од пишувањата на Стаменковски.
Обвинет е за пет кривични дела, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.