Сопругата на Навални утре во Советот на ЕУ

Јулија Навални, сопругата на рускиот опозиционер Алексеј Навални, кој во петокот почина во затвор во Сибир, утре ќе присуствува на седницата на Советот на Европската унија за надворешни работи, најави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност – Жозеп Борел.

– Во понеделник ќе ја пречекам Јулија Навални на Советот за надворешни работи на ЕУ – напиша Борел во објава на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека на состанокот министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ ќе испратат „силна порака за поддршка на борците за слобода во Русија и ќе му оддадат почит на Алексеј Навални“, пренесува Ројтерс.

Јулија Навални непланирано се појави во петокот, по веста за смртта на нејзиниот сопруг, на безбедносната конференција во Минхен, каде истакна дека не треба да и се верува на руската влада и ја повика меѓународната заедница да се вклучи во борбата против рускиот режим.

Навални почина во петокот на 48-годишна возраст, во руски затвор каде издржуваше казна од 30 години.