Самостојниот синдикат за образование, наука и култура попладнево е на преговори во Владата во обид за договор за исполнување на нивното барање за зголемување на платите, односно усогласување со минималната плата во дејностите што ги покрива – образование и детска заштита.
Претседателот на СОНК – Јаким Неделков на Фејсбук објави дека на преговори се од 15 часот на покана на премиерот Димитар Ковачевски.
Членството од регионите на Синдикатот се изјасни за генерален штрајк доколку не се исполнат нивните барања.
Премиерот Димитар Ковачевски, заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерот за финансии Фатмир Бесими беа на средбата со СОНК.
На средбата е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори.
Инаку, СОНК бара усогласување на платите во образованието со миниманата плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.
СОНК бара корекции на платите и за вработените во градинките, како и усогласување со минималната плата во високото образование и за вработените во ученичките и студентските домови.