СОНК и МОН не се договорија – штрајкот во училиштата и градинките продолжува

Во училиштата и во градинките и денеска, петти ден во низа ќе се штрајкува затоа што се уште нема договор за повисоки плати на вработените.

МОН вчера повика наставата да продолжи, а паралелно да има преговори, на што СОНК одговори дека без прифатлив предлог и понуден процент за покачување на платите, не може да го прекинат штрајкот.

Министерот за образование и наука – Јетон Шаќири рече дека го почитува правото на штрајк, како уставно и законски загарантирано, но дека синдикалното раководство треба да му даде предност на социјалниот дијалог и додека тој трае, редовната настава да продолжи.

„Aпелирам до сите општествени чинители, а особено до СОНК и до наставниците, кога носат одлуки и постапуваат, да се водат од најдобрите интереси на учениците. Да им овозможиме на учениците навремено да ја завршат учебната година и да ја почнат подготовката или реализацијата на веќе зацртаните планови за иднината. Тоа е наша заедничка должност, законска, етичка и морална обврска и верувам дека доколку не од утре, веќе од понеделник воспитно-образовниот процес ќе се нормализира, а со тоа и секојдневното функционирање на многу семејства во чии домови има ученици“ – истакна Шаќири на прес-конференција пред Владата.

На апелот на МОН одговори СОНК – очекува  реална и конкретна понуда која членството ќе ја разгледа, а без предлог, штрајкот не може да прекине.

Од Владата и надлежните министерства – МОН и МТСП, Синдикатот побара сериозен пристап и волја да понудат соодветен процент на зголемување на платите за вработените во училиштата, градинките и ученичките домови.

„Тежиме кон иста цел, но се движиме по различни патишта. И наша цел е штрајкот побргу да заврши и децата да се вратат во клупите и занималните, но треба да ни се вкрстат патиштата и да има прифатливо решение за штрајкот да прекине. Уверени сме дека го правиме вистинското во интерес на членството. Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот… дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда“ – истакна лидерот на СОНК – Јаким Неделков.