„На почеток на преговорите сме, продолжуваме каде што застанавме. Се надеваме дека за 10 дена ќе имаме резултат“.
Ова денеска го изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков за средбата со владините претставници со помош на медијатор, по нивното барање за зголемување на платите во образованието и социјалната заштита.
Тој потенцираше дека ако овие преговори не завршат во следните 10 дена, ако е потребно, ќе има уште 10.
„Реално сите имаме очекувања да излеземе од овој штрајк со позитивен резултат и не како победници, туку како социјални партнери, кои ќе најдат заеднички прифатливи решенија, каде што нема да има победници и губитници. Ние ја отворивме Пандорината кутија за подигнување на работничката свест, за подигнување на барањата на работниците во однос на почитување на законите и колективните договори, особено овој закон за минималната плата, со кој апсолутно секој работник во државата е засегнат. Тоа е можеби најголемиот успех што СОНК го направи во име на сите работници во државата. Најголемата придобивка е отворање на Пандорината кутија за усогласување на платите во сите дејности и во приватниот и во јавниот сектор“ – рече Неделков.
За учебната година, Неделков рече дека Бирото за развој на образованието ќе процени колку наставни часови им фалат на наставниците и ќе се направи програма која ќе се реализира до 10 јуни, со што учебната година би завршила согласно законот.
„Постои основ, Министерот за образование има дискреционо право по 100 одработени наставни денови да ја верифицира годината како завршена, не постои опасност од кршење на некој закон дека не се реализирани 180 наставни денови“ – рече првиот синдикалец.
Од СОНК повеќепати нагласија дека доколку помирувањето не вроди со плод, штрајкот во училиштата и градинките повторно ќе се активира.
Синдикатот бара зголемување на платите од 18,4% и скалесто усогласување со растот на минималецот, а Владата понуди 12% и К-15 од догодина.