По тричасовни преговори, попладнево СОНК и Владата се договорија за покачување на платите на наставниците и другиот кадар во образованието за 12%.
Ова го соопшти првиот човек на Синдикатот, Јаким Неделков придружуван од министерот за образование – Јетон Шаќири и министерката за труд и социјална политика – Јованка Тренчевска.
„Се усогласивме со ставовите на Владата, каде во рамките на можностите на државата, во рамки на тоа во овој момент што може да се издвои за зголемување на платите во дејностите детска заштита, основно и средно образование, дојдовме до заеднички процент на зголемување на платите, кое би почнало најдоцна до месец јули, со завршување на ребалансот и процесуирање на средствата, од 12% од сегашните плати, со додатоците кои следуваат врз договорот“ – изјави Неделков.
Тој кажа дека учениците најверојатно ќе се вратат во среда затоа што за утре е планирана средба во СОНК со цел да се донесе одлука за официјално завршување на штрајкот.
За тоа дали ќе има потреба да се надоместуваат изгубените часови и дали ќе има одлужување на државната матура, Неделков кажа дека овие работи би биле објаснети, по завршувањето на утрешниот состанок.