Самостојниот синдикат на образованието, науката и културата откако ќе ги добие денешните заклучоци на Владата во врска со генералниот штрајк на вработените во детските градинки, основните и средни училишта ќе ги разгледа и ќе се произнесе по нив, информираат синдикалците. Дотогаш, велат оттаму, штрајкот на вработените во образованието и градинките продолжува.
„Советот на СОНК во текот на утрешниот ден ќе одржи седница на која што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува“ – напиша на Фејсбук претседателот на СОНК – Јаким Неделков.
Владината прес-служба денеска соопшти дека Владата на седница ги задолжила министерствата за образование и наука, зa труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти.
Притоа повикаа СОНК да го прифати ова покачување и, како што посочија, во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.