Советот на јавни обвинители ги отфрли кандидатурите на Фетаи и Раичевиќ, само Коцевски е во игра

Од тројца кандидати само Љупчо Коцевски го помина филтерот во Советот на јавни обвинители во борбата за тоа кој ќе го наследи Љубомир Јовески на функцијата државен јавен обвинител. Коцевски доби едногласно позитивно мислење и сите членови на советот имаа само пофални зборови за него за време на дискусијата, објави тв Телма.

За разлика од Коцевски, за обвинителката Лидија Раичевиќ сите дадоа негативно мислење. Обвинителите кои се вклучија во дискусијата ја пофалија за поднесената стратегија за тоа како би ја извршувала функцијата, но сметаа дека Раичевиќ пред се не би можела да се носи со организација на институцијата.

Еден од обвинителите и замери на Раичевиќ дека последниот случај кој го работела завршил со ослободителна пресуда. Друг нафрли дека тоа не единствениот случај. Обвинителката Фатиме Фетаи од старт отпадна поради некомплетна документација.

Владата ќе треба избраниот кандидат од страна на Советот на јавно обвинители да го одобри и потоа предлогот да оди на гласање во Собрание.