Советот на Скопје со заклучок да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на градскиот превоз

Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите.

Советниците во Град Скопје, на денешната вонредна седница, со 29 гласа „за“, усвои заклучок со кој предлагаат поддршката од Владата за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, да продолжи и во иднина.

Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предлага и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите.

Усвојувањето на овој заклучок следеше по двочасовната расправа во која имаше пофалби за владината одлука и партиски препукувања.

На почетокот на седницата, градоначалничката Данела Арсовска упатувајќи пофални зборови за денешната одлука на Владата рече дека успеале во разговор со премиерот Христијан Мицкоски да ја добијат потребната количина на гориво што ќе биде доволно за претпријатието до моментот додека не се склучи новиот договор за да може ЈСП „Скопје“ да функционира во нормални услови.

Арсовска, оценувајќи ја денешната одлука како позитивен пример, се осврна и на минатото велејќи дека проблемите не се од денеска ниту се од вчера, туку дека скопските јавни претпријатија веќе традиционално три децении се загубари.

„Би сакала да апелирам до сите вас да се следи овој позитивен пример затоа што доколку е дојден моментот да покажеме пред граѓаните дека сме способни да направиме исчекор и консензус да имаме за прашања коишто се од клучно значење за нивниот интерес тоа можеме да го направиме и повторно со тоа што на следната седница ќе се гласаат сите оние работи коишто навистина се неопходни за нив“, рече Арсовска пред советниците.

За кризата во ЈСП, Арсовска вели дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.

По неа советничката од СДСМ Љубица Јанчева, поздравувајќи ја денешната одлука за давање нафта од државните резерви за ЈСП „Скопје“, ги образложи и трите предлози што ги имаат како советничка група, а кои се однесуваат на актуелната состојба во град Скопје.

„Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП ‘Скопје’ и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново“, рече Јанчева.

Третиот предлог, за кој Јанчева рече дека очекува да биде донесен, е пратениците во Собранието да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.

Поддршка за овие три заклучоци побара и советникот од СДСМ Гордан Шутаров кој рече дека со тоа ќе покажаат оти знаат да ја тргнат политиката на страна и знаат да одлучат за интересот на граѓаните.

„Не е време за политички препукувања, време е да донесеме здрави, разумни одлуки за постепено решавање на проблемите. Потребно ни е обединување на сите политички структури и субјекти“, рече Шутаров.

Катерина Јовановска од Левица рече дека не знае дали денешната седница е свиканата за решавање на проблемот или за да се кажуваат заблагодарувања до премиерот.

„Јасно ми е зошто седницава е свикана за денеска во 18 часот, а не за вчера или наутро. Тоа е за да владата одржи денеска седница во 14 часот и да донесе соломонско решение за проблемот што самата го искреира и сега место да дискутираме за решенија ние се заблагодаруваме“, рече таа.

Јовановска предложи по завршувањето на денешната вонредна седница да се одржи друга со единствена точка на дневен ред да биде набавка на 250 нови автобуси.

Предлогот не беше прифатен со образложение дека има постапка по која се свикува вонредна седница и таа треба да биде испочитувана.

По обвинувањата од Левица, Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седницата почнала да се политизира и упати прашања до советничката Јовановска.

„Јавно да ја прашам советничката Катерина, зошто сè уште три директори од партијата Левица имаат во јавните установи на Градот Скопје и зошто, ако не се сложуваат со политиките на актуелната политичка градска власт, одамна не ги напуштија местата и не беа дел од градските институции. Сомнително е зошто толку се сменија 40 тина директори, а не се сменија токму тие три директори, не се пипнати од политичката партија Левица“, рече Стојановски.

Тој рече дека за граѓаните, оваа состојба не е само технички проблем „туку и доказ за политичките игри што го доведоа ЈСП до колапс“.

Советникот Александар Трајановски рече дека она што денеска се случува со ЈСП „Скопје“ е кулминација на злоупотреби на институцијата во партиски цели само за да некој излезе во право.

„Кога колеги советници ќе застанете на оваа говорница и ќе кажете дека не треба да се политизира ситуацијата, а ние ја политизираме две години наназад каков исход очекувате да има освен ваков колапс. Ниту еднаш не успеавме да ги надминеме нашите политички ровови и ниту еднаш за ЈСП ‘Скопје’ не успаевме да донесме одлука во интерес на граѓаните“, рече тој.

Трајановски ја поздрави градоначалничката Арсовска „за нејзината понизност и присебност во интерес на граѓаните“.

„Некој денеска сакаше да покаже дека е поголем од Град Скопје и во улога на владатар на целокупната територија на земјата да го почасти градот и граѓаните неколку дена мир со тоа што ќе ни дозволи да користиме нафта од стоковите резерви“, додаде тој.

Пред почетокот на седницата советникот Мартин Стојановски најави дека од утре наутро се очекува автобусите на ЈСП „Скопје“ да бидат вклучени во сообраќај и дека нафтата од државните резерви веќе се доставува до базните станици на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров.