За ваквата Преговарачка рамка својата согласност ја даде и Бугарија, бидејќи во спротивно таа не можеше да биде усвоена од Советот на ЕУ, но Софија, како што беше претходно најавено и договорено, во унилатерална изјава го декларираше својот став за македонскиот јазик. Едностраната декларација на Бугарија не влијае на формулацијата за македонскиот јазик во Преговарачката рамка
Своја унилатерална изјава за јазикот дополнително ќе објави и Северна Македонија
Советот на Европската Унија, со одлуката да ги закаже првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија за утре во Брисел, ги усвои и преговарачките рамки за двете земји.
Во Преговарачката рамка за Северна Македонија, формулацијата за македонскиот јазик е чиста, без фусноти, квалификации, дообјаснувања и сл. Конкретниот пасус од документот гласи:
„Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски пред пристапувањето и ќе трба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување“.
Делот од Преговарачката рамка за РСМ во кој се споменува македонскиот јазик
За ваквата Преговарачка рамка својата согласност ја даде и Бугарија, бидејќи во спротивно таа не можеше да биде усвоена од Советот на ЕУ, но Софија, како што беше претходно најавено и договорено, во унилатерална изјава го декларираше својот став за македонскиот јазик.
Во едностраната декларација на Бугарија, која не влијае на формулацијата за македонскиот јазик во Преговарачката рамка, меѓу другото, стои:
„Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературниот бугарски јазик. Создавањето на ‘македонски јазик’ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулира ‘природен’ процес заснован на дијалектна форма.
Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и сл. на ЕУ и нејзините институции, органи, служби и агенции треба да биде сфатено строго во согласност со Уставот на оваа држава и во никој случај не треба да се толкува како признавање од страна на Република Бугарија на ‘македонски јазик’“.
Своја унилатерална изјава за јазикот дополнително ќе објави и Северна Македонија.
Дека Советот на Европската Унија одлучи да ги започне пристапните преговори со Скопје и со Тирана, објави на Твитер чешкиот премиер, Петр Фиала, чија земја претседава со оваа институција до крајот на годината.
Тој вели дека утре во Брисел ќе се сретне со лидерите на двете земји за да разговараат за следните фази на патот кон Унијата.