
Советот на ЕУ усвои Препорака за статусот на украинските бегалци и нивно идно враќање во Украина
Со ова, ЕУ се подготвува за координиран пристап за постепено укинување на статусот на привремена заштита (за Украинците), кога условите во Украина ќе бидат погодни за тоа. Препораката, исто така, содржи мерки за обезбедување информации за раселените лица и мерки за обезбедување координација, следење и размена на информации меѓу земјите членки и Украина, соопшти Советот на ЕУ.
Советот на ЕУ денеска усогласи Препорака до земјите членки поврзана со раселените Украинци, чија цел е да се обезбеди нивно одржливо враќање и реинтеграција во Украина, кога тоа ќе дозволат условите, како и промена на статусите на престој во Унијата за украинските граѓани, кои ги исполнуваат условите за тоа.
– Со ова, ЕУ се подготвува за координиран пристап за постепено укинување на статусот на привремена заштита (за Украинците), кога условите во Украина ќе бидат погодни за тоа. Препораката, исто така, содржи мерки за обезбедување информации за раселените лица и мерки за обезбедување координација, следење и размена на информации меѓу земјите членки и Украина, соопшти Советот на ЕУ.
Според данскиот министер за имиграција и интеграција Каре Дибвад Бек, солидарноста на ЕУ со украинскиот народ останува цврста во услови кога продолжуваат немилосрдните и неоправдани напади на Русија врз Украина, но во исто време Унијата мора да се подготвува и за враќање на Украинците во нивната татковина.
– Здраворазумно е да се подготвиме за денот кога ситуацијата ќе им овозможи на украинските граѓани да се врати дома за да помогнат во обновата на својата земја. Координираниот пристап е во најдобар интерес на оние кои мораа да ја напуштат својата земја. Сакаме да обезбедиме враќањето во Украина да се одвива постепено и со фокус на одржлива реинтеграција во заедниците, додаде Дибвад Бек.
Со Рамката се повикуваат земјите членки на раселените Украинци да им обезбедат дозволи за престој, врз основа на вработување, обука, образование или семејни причини, доколку исполнуваат одредени услови.
– На лицата кои уживаат привремена заштита треба да им биде овозможено да аплицираат за поинакви статуси, според правото на ЕУ, се наведува во соопштението.
Според Советот, на многу Украинци кои побегнаа од својата земјата поради војната, потребна им е поддршка за да можат да се вратат во Украина и да се реинтегрираат во украинското општество. – Земјите членки треба да обезбедат програми за доброволно враќање кои важат за ограничен временски период и да ги координираат условите на тие програми со украинските власти и другите членки. Тие треба дополнително да ги прошират правата за привремена заштита, на пример поврзани со домувањето, медицинската грижа и образованието, на лица регистрирани во програмите за доброволно враќање, се нагласува во соопштението.
Од март 2022 година, ЕУ им додели статус на времена заштита и сместување на над четири милиони Украинци кои ја напуштија Украина поради руската инвазија. Со последната одлука на ЕУ, статусот на времена заштита на раселените лица од Украина ќе важи до 4 март 2027 година.