Комесарот за човекови права на Советот на Европа е „длабоко вознемирен“ од законот донесен минатата недела во бугарскиот парламент против „пропагандата“ на ЛГБТ+ во училиштата и го повика претседателот Румен Радев да не го потпишува.
„Длабоко сум загрижен поради неодамнешниот закон со кој се забранува ЛГБТ+ „пропаганда“ во училиштата“, напиша Мајкл О’Флаерти на социјалната мрежа Х.
„Го повикувам претседателот Радев да не го потпишува. Властите мора да се справат со дискриминацијата и непријателската реторика против ЛГБТ+ луѓето, вклучително и во пресрет на изборите“, додаде О’Флаерти.
Коалицијата „Заедно против насилството“ собра потписи од 73 невладини организации и над 6.000 граѓани против Законот за изменување и дополнување на Законот за предучилишно и училишно образование (ЗПАО), донесен на 7 август.
Со измените што ги усвоија пратениците се забранува пропаганда, популаризација или поттикнување на кој било начин – директно или индиректно, во образовниот систем на идеи и ставови поврзани со „нетрадиционална сексуална ориентација и/или определување родов идентитет различен од биолошкиот“ .
Според Коалицијата „Заедно против насилството“, изгласаниот закон не е законски спроведлив и е во спротивност со Законот за заштита од дискриминација и Европската конвенција за човекови права. Во својот став, Коалицијата посочува дека во пленарната сала народните избраници користеле говор на омраза и целосно дискриминаторски изјави кои имаат тенденција да ги поткопаат темелите на демократијата и владеењето на правото.
Некои заради овој говор би можеле да бидат санкционирани според Законот за антидискриминација и Европската конвенција за човекови права.
Шефот на бугарската држава сè уште го нема потпишано указот за објавување на законот во Државен весник, а рокот за тоа е 15 дена од денот на донесувањето на законот.
Тој можел да оствари право на вето, т.е. да го врати законот во Народното собрание на нова расправа.