Советот на Град Скопје ја изгласа одлуката за давање субвенции на ЈСП, Арсовска бара да се подмират сите долгови кон претпријатието

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница едногласно ја изгласа одлуката за давање субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје со којашто практично се овозможува исплаќање на платите на вработените во претпријатието и се прекинува протестот на возачите поради кој денеска не функционираше јавниот сообраќај во градот.

Градоначалничката Арсовска побара да се подмират долговите на сите институции што должат на претпријатието.

– Советниците ја изгласаа одлуката со полно мнозинство. Она кое што ме радува е дека конечно гледаме консензус по едно прашање. Тоа е дека она што во изминатите 30 години се случувало во едно од јавните претпријатија и кое се руинирало, практично сега имаме консензус дека треба конечно да се помогне, рече во изјава за медиумите градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа додаде дека со одлуката на денешната седница на градскиот Совет ќе се обезбедат средства кои ќе бидат замена за оние планирани средства што кон ЈСП Скопје ги немаат подмирено должат Владата, односно МОН и општините

– Со тоа ќе се обезбеди тие практично до крајот на годината да немаат вакви проблеми каков што е овој што се случи со доцнењето на платата месецов од пет дена, изјави Арсовска.

Градоначалничката исто така рече дека ќе се бара соодветна одговорност, како што кажа, на тешката финансиска состојба во која е доведено ова јавно претпријатие и мултимилионските долгови кои ги има генерирано. Според неа, тоа се долгови што се провлекуваат повеќе од деценија.

– Ние како Град Скопје бараме одговорност и од управните одбори кои верувам дека треба малку поагилно да ја вршат својата работа, да не ги блокираат работите на овие јавни претпријатија, затоа што сепак од граѓаните тие ги земаат своите паушали, рече Арсовска.

Во однос на прашањето кога ќе се исплатат платите на вработените во ЈСП, Арсовска посочи дека Град Скопје ја завршува својата процедура и дека средствата ќе бидат пуштени, како што кажа, или денеска или утре, во зависност од Министерството за финансии.

Таа информираше дека ова се средства кои се неопходни за да се обезбедат плати за вработените до крајот на оваа година.

– Меѓутоа, одговорноста треба да ја побарате кај сите оние кои во оваа држава не си ги плаќаат сметките, односно не го плаќаат она кое што треба да го исплатат кон ЈСП за да тоа може да функционира како што треба. И за долговите и сето она што е правено во овие изминати години наназад, за девастирањето на претпријатието, треба да си побараме одговорност и треба да се побара оној кој си должи да си ги исплати сите оние долгови кои ги има кон ЈСП, додаде Арсовска.

Таа исто така нагласи дека досега имало случаи кога се доцнело не само по пет дена, туку и по многу повеќе денови па никогаш не бил прекинат јавниот превоз за скопјани.

– Она кое што сакам да го кажам е дека ова кое што го гледаме денес е нешто кое што е срамно. Меѓутоа, вината треба да се бара онаму каде што таа треба да си се лоцира и точно треба да знаат граѓаните кој е одговорен. Штом не одговарате на оваа коалиција од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ во истиот момент веднаш следуваат блокади и следува ова кое што го гледате. Таму долговите постојат повеќе од 10 години, секој еден директор којшто работел и којшто раководел бил поддржуван, биле давани од страна на владата и по 360 милиони денари дотации за да може да се сервисираат долговите, сега првпат се укинуваат прво на 120 милиони па на нула за оваа година, истакна Арсовска.

Во однос на најавеното поднесување кривична пријава против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на ЈСП, Арсовска одговори дека тоа што е најавено доследно ќе се почитува.

– Ќе се преземат постапки затоа што заштитата на јавниот интерес е пред се и никој поединец нема право да го наруши јавниот интерес за она кое што го видовме дека се случуваше денеска. Верувам дека она што треба да го направиме сите заедно како општество е да преземеме мерки и да сфатат овие политичари денеска дека јавниот интерес, интересот на граѓаните е пред се, дека треба да престанат да се препукуваат едни меѓу други и да наоѓаат решенија, а не да креираат проблеми, рече градоначалничката Арсовска и побара одговорност од Управниот одбор којшто, како што нагласи, секој месец за едно појавување зема по стотици евра за нивната седница.

Претседателот на Синдикатот за сообраќај и врски при ЈСП, Миќо Стојановски, рече дека со самото излегување од кабинетот на градоначалничката откако е постигнат договорот пред одржување на седницата на Советот, вработените во двете автобази биле известени за одлуката и веќе сите автобуси на ЈСП се пуштени на улиците на Скопје.

– Утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата и ме радува тоа што се обезбедени средства од буџетот на Град Скопје за наредните три плати што значи дека ќе нема потреба повеќе да чекаме 15-ти за да тие средства бидат доделени на вработените, а уште повеќе ме радува тоа што во ребалансот за буџетот за 2023 година јавниот градски превоз и ЈСП ќе бидат побогати за 360 милиони денари затоа што тоа се пари кои во минатиот период да не речам дека беа скриени, туку беа фантомски, информираше Стојановски.