Советничката Ирена Витина обвинува дека во Чаир продолжуваат градежни работи на дивоградба

Објавата на советничката во Град Скопје доаѓа откако во текот на вчерашниот ден градоначалничката Данела Арсовска, заедно со нејзини соработници беше вербално и физички нападната за време на увид на оваа дивоградба во скопски Чаир.

„И покрај поднесените пријави до надлежните органи за дивоградбата која се гради без документи на булеварот Никола Карев во Чаир, денеска без срам продолжуваат градежните работи на истата дивоградба која се наоѓа на само 100 метри од полициска станица“ – објави на социјалните мрежи советничката во Град Скопје и блиска соработничка на градоначалничката Арсовска, Ирена Витина.

Таа вели дека градежните работи се одвиваат непречено, пред очите на МВР, без никаква интервенција, ниту пак реакција од надлежните институции.

„МВР, државната градежна инспекција на министерството за транспорт и општинските градежни инспекциски служби на општина Чаир имаат законска обврска веднаш да го спречат понатамошното незаконско градење и да обезбедат соодветна одговорност за сите инволвирани“, вели Витина.

Дополнително, наведува дека толерирањето на ваквите небезбедни дивоградби, особено кога истите се градат и по официјално поднесени пријави е директно кршење на правниот поредок и ја поткопува довербата во институциите.

„Се потврдува изјавата на еден од полициските службеници каде бевме вчера скоро 3 часа во полициска станица Кисела Вода, дека на определена територија во општина Чаир немаат никаква моќ на постапување. Очекуваме итна реакција да се спречи беззаконието, законот мора да важи еднакво за сите“, заклучи Витина.

Во текот на вчерашниот ден, правејќи увид на локацијата градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и нејзините соработници биле вербално и физички нападнати токму кај оваа дивоградба, за која таа вчера рече дека иако досега се поднесени неколку пријави, таа продолжува и натаму илегално да се гради.