Советниците изгласаа пренамена на средства за ЈСП

Советот на Град Скопје попладнево со 24 гласа „за“ изгласа пренамена на средства од градскиот Буџет со што ќе се обезбедат финансии за платите на вработените во ЈСП Скопје.

Советниците ја задолжија градоначалничката на град Скопје, во соработка со надлежните сектори, најдоцна до петок до 12 часот, да достават одлука за прераспределба на средства за ЈСП за да се овозможи непречено функционирање на претпријатието. Новата седница е закажана за во петок во 14 часот, а претседателот на Советот рече дека доколку се добие предлог-одлука за прераспределба на средства за ЈСП и пред тој рок советниците ќе бидат известени за одржување на вондредна седница уште во текот на утрешниот ден.

Пред изгласувањето на одлуката, на седницата имаше расправии за тоа кој е крив за ситуацијата во ЈСП, но и партиски обвинувања. Претседателот на Советот, Трајко Славевески се симна од своето место и го одзема микрофонот на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која во истиот момент зборуваше за криминалите ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите се малтретирани овде поради вас и тоа дополнителни три часа. Досега ќе ја изгласавме иницијативата. Не се расправајте со советниците. Поради вашето вакво однесување, се малтретираме овде“, и рече Славески на градоначалничката.

„Недопустливо е да се однесувате како деспот. И на вас, кој се претставувате како некој интелектуалец, професор, не ви доликува и не треба да ви се дозволи правото тука со некое копче да кажете кога ко почне, а кога ќе престане да говори. Затоа што правото на градоначалникот е неприкосновено“, беа зборовите на Арсовска кои последни се слушнаа од говорницата откако Славески и го зема микрофонот и ја прекина седницата.