
Еднократна парична помош од 1.100 денари ќе добијат граѓаните од социјално загрозените семејства за изминат месец, за покривање на дел од потрошената електрична енергија. Одлуката беше изгласана од градските советници, на предлог од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа без да ѝ се даде збор на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, да се произнесе за амандманот.
Тоа предизвика реакција кај неа и таа замоли за деловничка култура, барајќи да ѝ биде доставен амандманот за да го види.
– Не го добивме текстот на амандманот. Јас барам да ни се достави за да го разгледаме. Министерството за финансии, поради неодговорното однесување, целиот буџет ни го блокираше. Ве молам, одговорно да се однесуваме. Доколку се имало слух да се измени и доколку се слушале нашите служби, немаше да дојде до ова. Ве замолувам за малку деловничка култура. Да ни се достави амандманот, да видиме за што се работи и Секторот за финансии да се произнесе дали од оваа ставка од која се побарува, ќе можат да се исцрпат средства – изјави Арсовска.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, одговори дека амандманот е усогласен од советничките групи.
– Ако не бил доставен амандманот, предлог- одлуката беше доставена, заедно со материјалите од седницата. Станува збор за амандман што го усогласија советничките групи, ова не е амандман на буџет или ребаланс, и со гласање советниците го изгласаа – истакна Славески.