Портпаролите на Владата Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа подетално за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 83-та седница на Владата на Република Северна Македонија.
Портпаролите соопштија дека Владата на вчерашната седница донесе Одлука за продолжување на рокот за траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.
Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизираат.
Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на продажба на бел леб, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и на мало.
Исто така, со оваа Одлука се утврдува максималната маржа до 10% во трговијата на големо и на мало и тоа за следните производи: брашно од пченица, макарони и шпагети, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко и јајца.
Во врска со оваа тема, на новинарско прашање за покачувањето на млекото и млечните производи и зголемената цена на огревното дрво, беше истакнато дека на претходна седница, минатиот месец, Владата донесе Одлука за определување на највисоката трговска маржа, како посебен услов за трговијата на огревно дрво од даб, од бука и пелети за огрев.
Највисоката трговска маржа на овие производи за сите трговци се утврдува во висина од најмногу 10%.
Исто така, беше посочено дека економскиот тим на Владата е во постојана комуникација со сите засегнати страни и во наредниот период ќе се донесат и други мерки, за кои јавноста ќе биде информирана.
На денешната прес-конференција, портпаролите соопштија и детали за вчера, разгледаниот и усвоен Предлог-законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи.
При тоа, што беше истакнато дека Рамковната спогодба за финансиско партнерство за ИПА III претставува најважен акт со кој се регулираат односите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската комисија во спроведувањето на ИПА III, а која произлегува од регулативи на Европската Унија кои треба директно да се применуваат по склучувањето и влегувањето во сила на оваа Спогодба.
Портпаролите информираа дека на вчерашната седница е разгледан и усвоен и Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, кој е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка.
Со него се регулирани категориите и нивоата на даватели на јавни услуги во јавните установи за деца, како и нивните плати и надоместоци на плати.
Со ова практично се врши усогласување со Законот за минимална плата и се утврди нејзино зголемување.
Се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците на Државниот завод за статистика.