Денеска Собранието трет ден ќе расправа за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на француското Претседателство со Советот.
Расправата изминатите два дена се одвиваше во тензична атмосфера.
Опозицијата за време на обраќањата на пратениците од владејачкото мнозинство правеше врева, а имаше и вербални конфликти и меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и опозицијата.
Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица бараат отфрлање на овој предлог кој, според нив, води кон директна асимилација на македонскиот народ, уцени и повеќегодишно попречување на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија. За разлика од нив, од владеачкиот табор смируваат дека преговарачката рамка нуди неповредливост на македонскиот идентитет и јазик и почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ.
И премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница на првиот ден од расправата порача дека со понудениот предлог, македонскиот јазик јасно се прецизира како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија и дека не се остапува од црвените линии.
Додека во Собранието трае расправата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка, пред собраниската зграда граѓани протестираат против францускиот предлог. Пред Собранието се поставени шатори, а улицата е затворена за сообраќај.
Дебатата по Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за старт на пристапните преговори на земјава со Европската Унија почна завчера во Собранието.
По завршување на расправата се очекува да бидат усвоени заклучоци, односно насоките што ќе и бидат испорачани на Владата.