Со 65 гласа „за“ Собранието на денешното продолжение на 14 . седница го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Против Законот што го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ нема
На гласањето му претходеше едночасовна дискусија, во која главни актери беа пратеници на опозицискиот СДСМ, кои веќе се изјаснија дека ќе гласаат против Законот и од ВМРО-ДПМНЕ, кои го бранеа заемот кој, како што рекоа, ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти.
Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14 седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.
Ова беше повод за реакција од опозицискиот СДСМ, чија пратеничка група во четвртокот преку прес-конференција на која говореше партискиот лидер Венко Филипче ја повика власта да го повлече предлог-законот и да го поднесе во редовна постапка.
Два дена претходно, на 11 септември, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека Законот за кредит од Унгарија е голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.
Според него, корупција во овој закон се гледа од авион. Најави дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат формите што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, а сите работи што ќе ги откриваат, како што рече, ќе ги презентираат на јавноста.
Поради ваквата позиција, пратеничката на СДСМ и претседателка на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска одби да закаже седница на ова собраниско тело, поради што интервенираше претседателот на Собранието, Африм Гаши. Седницата на Комисијата ја закажа тој, а со неа претседаваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Пратениците на СДСМ не присуствуваа на седницата и не учествуваа во комисиската расправа.