Собранието го донесе Законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство

Собранието попладнево во рамки на 52. седница го донесе Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.

Собранието попладнево во рамки на 52. седница го донесе Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.

За законот гласаа 82 пратеника од кои 76 пратеници гласаа „за“, шест пратеници гласаа против, а воздржани нема.

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, кој го презентираше законот, истакна дека документот е склучен во Лондон на 22 мај годинава, врз основа на потпишаната декларација за стратешко партнерство меѓу РСМ и ОК и е важен чекор напред во зајакнувањето на партнерството меѓу двете земји и унапредувањето на нивните заеднички интереси. Целта на овој договор е и консолидација и натамошен подинамичен развој на односите и соработката во однос на критичната инфраструктура, здравството, технологијата и енергетиката заради реализација на инфраструктурни приоритетни проекти. Со Договорот на земјава ќе и се обезбеди кредитна линија од пет милијарди фунти на располагање за големи инфраструктурни железнички, транспортни, здравствени и енергетски проекти.

– Списокот на проекти вклучува развој на модерна товарна и брза транспортна железница од Табановце до Гевгелија, инвестирање во здравството и изградба на нови болници, завршување на изградбата на Клиничката болница во Штип, изградба на нова зграда за медицински факултет и студентски дом, изградба на болница и здравствен дом во Кичево, реконструкција на клиничката болница во Тетово и развој на капацитетите за сајбер безбедноста и дигиталната трансформација на Владата на РСМ. Списокот на проекти на кои би се фокусирала меѓувладината соработка е приложен како анекс А кон овој Договор.  Институцијата на ОК за финансирање на извозот планирано е да биде клучен дел од понудата со покритие до пет милијарди фунти. Во натамошната постапка ќе бидат вклучени и надворешни консултанти со цел усогласување на финансирањето и преминување во фазата на реализација на договорениот проект, рече Димитровски.

Тој додаде дека договорот кој се предлага да биде ратификуван не бара донесување нови или измена на постоечките закони и нема да предизвика потреба за дополнителни.

Во текот на расправата власта и опозицијата ги соочија аргументите за и против овој договор.

Од опозицијата обвинија за нетранспарентност во однос на Договорот, за презадолжување на земјата, како и дека ваквите договори се далеку од економска корист и претставуваат долгорочна закана за економската и политичка сувереност на земјата.

-За најголемите и важни договори кои најверојатно ќе ја обликуваат иднината на нашата земја и во политичка и во економска смисла треба да се однесуваме одговорно и целосно транспарентно. Жалам што Владата ја пропушти оваа шанса, рече пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ.

Според него, со договорот, како што рече, се отвораат можности за нетранспарентни зделки и заобиколување на Законот за јавни набавки. Посебна загриженост, рече, предизвикува и ставот 2 од членот 2 од Договорот, кој вели: „ќе се олесни запознавање со британски деловни субјекти за поддршка на реализацијата на проектите“.

-Македонската јавност има право да знае – што значи оваа одредба? Дали се работи за веќе договорени изведувачи? Ако е така, тоа е во директна спротивност со Законот за јавни набавки и принципот на конкурентност. Каква е тогаш логиката министерката за финансии да тврди дека ќе се почитува домашното законодавство, истакна пратеникот на СДСМ.

Од владејачката коалиција пак со став дека договорот е транспарентно објавен и е тука пред пратениците, за разлика како што беше посочено, од Договорот со Бехтел и Енка кој не беше претставен на јавноста бидејќи содржеше клаузула строго доверливо. Го оценија како историски за земјава затоа што преставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите.

-И финансискиот договор и тој на истиот начин ќе биде усвоен – во Владата и во Собранието. Што е сега нетранспарентно, дали таа операција во која тука доаѓаше од ној „циркузант“ од „црната листа“ која што вие го ставивте одговорен на тие проекти да ги води и којшто не навредуваше или ова е нетранспарентно. Зошто и од каде таа потреба да го потценувате овој народ. Понатаму каде тука има за мигрантски кампови, дали во некој од 8-те члена е напишано тоа. Мојата омилена лага за овој договор дека е ова антиевропски договор, а истата недела ЕУ склучи договор со ОК, рече Стојаноски.