
Арбен Таравари и формално повеќе не е министер за здравство. Собранието на денешната седница ја констатира неговата и оставките кои од функциите ги поднесоа заменик-министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети и за одбрана Елфет Исмаили од редовите на Алијанса за Албанците.
Ниту Таравари ниту двајцата заменик-министри не беа присутни на денешната собраниска седница за да го искористат правото да ја образложат оставката. Поради тоа, заменик-претседателката на парламентот, Весна Бендевска, која заседаваше со седницата, ги констатира оставките на тројцата доскорешни функционери.
Оставките на заменик-министрите за земјоделство и за одбрана уследија по оставката од функцијата која ја поднесе министерот за здравство Арбен Таравари откако Алијанса за Албанците едногласно одлучи да ја напушти владината коалиција и да премине во опозиција.