
Собири во повеќе градови во спомен на жртвите од пожарот во Кочани
Во повеќе градови низ државава вчера се одржаа собири во спомен на жртвите од трагичниот пожар во дискотека „Пулс“ во Кочани. Граѓаните изразија сочувство и поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, барајќи одговорност од институциите.
Во повеќе градови низ државава синоќа се одржаа собири во спомен на жртвите од трагичниот пожар во дискотека „Пулс“ во Кочани. Граѓаните изразија сочувство и поддршка кон семејствата на загинатите и повредените, барајќи одговорност од институциите. Во меѓувреме истрагата за несреќата продолжува, при што за случајот досега се приведени 18, а задржани 16 лица. Погребите на настраданите се закажани за четврток.
Во Скопје, собирот на граѓани го одбележа 16-минутен молк и ѕвездено небо на плоштадот „Македонија“. Илјадници граѓани се собраа да изразат поддршка во овие најтешки моменти.
Во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржаа два собири. Првиот, под мотото „Слобода за нашите херои“, каде се бараше ослободување на притворените лица од обезбедувањето, а вториот собир, предводен од митрополитот брегалнички Иларион, беше посветен на молитва за спокој на душите на загинатите и побрзо оздравување на повредените.
Граѓаните на Делчево вчера палеа свеќи во Градскиот парк, изразувајќи почит кон загинатите и упатувајќи молитви за побрзо оздравување на повредените, а битолчани на поворка со свеќа и цвеќе оддадоа почит на загинатите и изразија незадоволство од институциите што не успеаја да ја спречат трагедијата.
Неколку стотини млади луѓе и граѓани на Крива Паланка се собраа пред општината, палејќи свеќи и молејќи се за повредените, а собир имаше и на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во Охрид каде што младите изразија загриженост за безбедноста во ноќните клубови и дискотеките.
Штипјани со транспарентот „Доста е“ на кој беа испишани имињата на загинатите, се собраа на Градскиот плоштад „Слобода“ и во поворка одеа низ улиците на градот, изразувајќи почит кон жртвите, Додека, кумановци, се собраа на градскиот плоштад, палејќи свеќи пред фотографиите на починатите и извикувајќи „Правда за Кочани“.
Граѓаните на Струмица се собраа на Градскиот плоштад, палејќи свеќи и потпишувајќи се во книгата на жалост. Младите испратија порака до институциите да функционираат без корупција. Собири се одржаа и во Валандово и Гевгелија.