Иако календарски зимата уште не почнала, на планините во Хрватска и во Босна и Херцеговина утрово падна првиот снег.
Како што објави Метеоролошкиот центар од Хрватска, промената на времето пристигна во оваа земја, а со тоа и снегот.
Околу Госпиќ утрово падна снег, а на Платак веќе наврна поголемо количество снег. Првиот снег оваа есен паѓа на планините во Далмација.
Утрово снег паѓа на Динара, Камешница и Биоково, а снегулки има и на врвот Свилаја и Мосор.
Во Босна и Хецеговина забела планините Јахорина и Бјелашница, каде температурата на воздухот утринава беше под нулата, додека, судејќи по директните камери од планините, на Требевиќ и Игман не се видливи снегулки.
Иако скијачките терени побелеа, снегот не се очекува да потрае. Сепак, скијачките центри очекуваат добра сезона за која интензивно се подготвуваат.
На планините во Македонија снег се најавува на почетокот на следната недела, кога се очекува пад на температурите.