Сметаме на Америка, кажа Зеленски пред самитот Трамп-Путин

„Време е да се заврши војната, а Русија мора да преземе неопходни чекори. Сметаме на Америка“, порача Зеленски.

Сметаме на Америка, кажа украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на самитот Трамп-Путин на Алјаска, каде што војната во Украина ќе биде централната тема. Зеленски не беше поканет на средбата, туку ќе чека телефонски повик од Трамп по завршувањето на самитот.

„Денешниот состанок е со навистина голем влог, тој треба да отвори пат кон праведен мир и трилатерален самит на Украина, САД и Русија“, кажа Зеленски.

Тој вели дека Украина испраќа засилувања за да ги запре руските налети во Донецк и Запорожје, два од четирите региони, кои веројатно ќе бидат во центарот на вниманието за време на денешните разговори.

„Време е да се заврши војната, а Русија мора да преземе неопходни чекори. Сметаме на Америка“, порача Зеленски.

Пред да се качи во претседателскиот авион за Енкориџ, и Трамп кажа дека влогот на средбата со Путин е огромен, но и ги повтори своите закани со сериозни последици ако рускиот лидер одбие да ја заврши војната.

„Сериозни во економска смисла, и тоа многу сериозни. Јас не го правам ова за моето здравје, не ми треба тоа, сакам да се фокусирам на мојата земја. Но, го правам ова за да спасам многу животи“, рече Трамп, опишувајќи го Путин како паметен човек.