Случај „Спец каса во УБК“: Шефот на кабинетот на Сашо Мијалков доби шест години затвор

На повторно судење за предметот „Спец каса во УБК“ досудени се затворски казни за сите обвинети. Тони Јакимовски кој е ексначалник во УБК и шеф во кабинетот на тогашниот директор Сашо Мијалков – доби шест години затвор. Вработен во УБК, благајник за т.н. спец каса, Стево Маџовски доби повторно четири години. Приправничката Кристина Јосифовска која претходно беше ослободена од вина, сега доби три години затвор, објави Макфакс.

Пресудата ја изрече Софче Гаврилова-Ефремова, судијка која е наследничка на предметот откако пресудата беше укината и предметот беше вратен на повторно судење. Според процените биле злоупотребени околу 820 000 евра, кои сега, тројцата обвинети треба да ги вратат назад во буџетот. Обвинителката Ивана Трајчева и тројцата обвинети имаат право на жалба за пресудата до Апелација.

Трајчева пред Кривичен докажа дека десет години, од 2007 до 2017 година, 172 пати, тројцата неправосилно осудени, за кои поднесувале барања и признаници за износите. Но, документацијата била уништувана – како евиденциите за потрошените средства, така и документите за исплата.