Случај Пелико: Силувач се жалеше на пресудата, но судот му ја зголеми казната

Иако на снимките се појавуваат 83 мажи, полицијата успеала да идентификува само 51 маж, на возраст од 26 до 68 години, а меѓу нив има и пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Голем број од нив имаат сопруги и деца. Само 15 од нив признаа силување, додека другите тврдеа дека учествувале во сексуални дејствија. Дел од насилниците изјавиле дека мислеле оти жената се преправа дека спие.

Судот во Нимес, јужна Франција денеска му ја зголеми затворската казна за една година на маж, кој се жалеше на правосудната пресуда за масовното силување на Жизел Пелико.

Жалбениот суд во Нимес го осуди 44-годишниот Хусаметин Доган на 10 години затвор. Тој во декември минатата година беше осуден на девет години затвор поради тешко силување. Претходно 17 осудени поднесоа жалби, но набрзо ги повлекоа, додека само Доган, не ја повлече жалбата на пресудата тврдејќи дека не знаел оти сопругот на Жизел, Доминк ја дрогирал против нејзина волја.

Во декември им се судеше на 51 маж поради силување на Жизел Пелико во организација на нејзиниот сопруг, кој со години ја дрогирал и преку интернет повикувал мажи, кои ги снимал додека ја силувале неговата сопруга.

Жизел од 2011 до 2020 година била дрогирана и околу 200 пати силувана во нејзиниот дом од различни мажи додека била во бессознание.

Во септември 2020 година Доминик Пелико е приведен поради вознемирување на жени односно снимал жени под здолниште во супермаркет. При претресот во неговиот телефон и компјутер пронајдени се вкупно 20.000 видео-снимки и фотографии од сексуалните напади врз Жизел.

Иако на снимките се појавуваат 83 мажи, полицијата успеала да идентификува само 51 маж, на возраст од 26 до 68 години, а меѓу нив има и пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Голем број од нив имаат сопруги и деца. Само 15 од нив признаа силување, додека другите тврдеа дека учествувале во сексуални дејствија. Дел од насилниците изјавиле дека мислеле оти жената се преправа дека спие.

На 19 декември минатата година судот во Авињон ги прогласува за виновни Доминик и 50 мажи, од кои 46 се виновни за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуален напад. Доминик е осуден на максимална 20-годишна затворска казна.

Жизел Пелико дозволи судскиот процес да биде отворен за јавноста, но побара кога ќе бидат емитувани снимките од силувањата нејзините деца да можат да ја напуштат судницата. Нејзиниот правен тим изјави дека целта на отвореното судење за јавноста ќе биде „да се врати срамот кај обвинетите“.