„Службеникот кој ја направил грешката ќе биде санкциониран“: Управата за водење на матични книги со извинување до Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош Стефчо Јакимовски доби извинување од Управата за водење на матични книги, за инцидентот во кој на неговиот син и снаа наместо извод од матичната книга на венчаните, им издале извод од матичната книга на умрените.

Од Управата се извинија до семејството на Јакимовски за, како што се наведува, немилиот настан, со објаснување дека се работи за несакана грешка на издаден погрешен образец. Оттаму уверуваат дека административниот службеник кој што го направил пропустот, ќе биде санкциониран во краток рок.

„Направен е увид во целокупното постапување по предметното барање за издавање на извод на интернационален образец од матична книга на венчаните и утврден е пропуст сторен од страна на административен службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје и истиот во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници“, посочуваат од Управата за водење матични книги.