Словенија, Хрватска и Австрија сакаат ЕУ да ги започне пристапните преговори со БиХ

Австрија, Хрватска и Словенија сакаат Брисел во следните два месеци да започне преговори со Босна и Херцеговина за прием во Европската унија.

„Имаме заедничка цел да ги започнеме разговорите меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина за пристапување до крајот на оваа година. Напорно работиме на тоа“, изјави словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон по годишниот редовен состанок на земјите од Дунав што се одржа на Брдо кај Крањ.

Босна и Херцеговина доби кандидатски статус за членство во декември 2022 година, но преговорите сè уште не се започнати.

„Австрија, Хрватска и Словенија се големи пријатели на проширувањето на ЕУ. Сметаме дека сега е политички момент ЕУ да се придвижи кон ново проширување, така што поради геополитичката ситуација Европа ќе стане посилна и пообединета“, рече Фејон.

„Сепак, тоа е двонасочна улица, и ЕУ и земјите кандидати мора да бидат подготвени“, додаде таа.

Шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг изјави дека неговата земја, Словенија и Хрватска се „добри пријатели на Босна и Херцеговина“, но „не се единствените“.

„Сакаме да започнеме разговори со Босна и Херцеговина“, посочи Шаленберг.

Некои се залагаат за отворање на пристапните преговори за членство со Украина и Молдавија до крајот на годината, барајќи забрзана процедура за овие две земји. Австрискиот министер смета дека сите земји кандидати мора да имаат еднаков статус.

„Нашиот став е јасен, не сакаме да имаме две класи на земји кандидати. Би било погрешно некои да ги сметаме за попривилегирани од другите“, рече Шаленберг, додека земјите од „Западен Балкан“ беа во чекалната за години.

Брисел им додели кандидатски статус на Украина, Молдавија и БиХ по руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.