
Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на „Златниот венец“ на СВП за 2025
Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 е полскиот поет Матеуш Шимчик за неговата збирка „Потребни се извори“
Словачкиот поет Иван Штрпка ( 1944 година, Хлоховец) е годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП), соопшти денеска Елизабет Барануаи Кукунешоска, претседателка на Управниот одбор на Фестивалот. Академик Катица Ќулавкова и директорката на СВП, Цветанка Маркоска, говореа за фестивалот на свеченост во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на Светскиот ден на поезијата.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 21 до 25 август. До лани, паричната награда изнесуваше околу 500 илјади денари.
„Добитникот на Златен венец на СВП за 2025 година за пишувањето поезија рекол: „Пишувањето е процес во кој постојано постојам. Човекот треба да пишува не само за да избегне бесчувствителност и лудило, туку и да му помогне во неговиот напор да го развие светот на сопствената перцепција и да му даде артикулација“, рече денес во МАНУ, Кукунешоска.
Иван Штрпка две години работел како истражувач во областа на геодезијата. Завршил студии по шпански со словачки јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава. Во шеесеттите години на минатиот век заедно со поетите Иван Штрпка и Петер Репка ја основа индивидуалистичката поетска група Осамени тркачи. Го напишаа нејзиниот манифест „Враќањето на ангелите“, кој беше забранет. Во него стануваше збор за слободата на мислењето, на животот и на творештвото, за одговорноста на поединецот и за отфрлањето на комунистичката диктатура и цензура. Формираа сопствен начин на пишување и на животни вредности. За време на Кадифената револуција во 1989 година беше со-основач и активист на движењето „Јавноста против насилството“. Главен уредник на обновениот легендарен неделник „Културен живот“. Дебитантска книга: „Кусото детство на копјаниците“ (1969). По книгата „Тристан дрдори“ (1971) – десетгодишна забрана за објавување. Издал цела низа од поетски книги, три книги есеи и романот „Заложник“. Од најновите: „Тивка рака. Десет елегии“ (2006), „Фрагмент (од витешката) шума“ (2016), „Кајшто е мантилот, таму е ветрот“ (2018), „Чекорењето на Хермес“ (2022), „Гестови, факти, први лизгачи“ (2025). Напишал текстови за музички песни за дванаесет албуми на единствениот рок-композитор и пејач Дежо Урсини. Добитник е на повеќе книжевни награди. Преведуван е на многу европски јазици. Живее во Словачка, во Братислава и другаде.
„Многу сум среќен што во оваа единствена прилика можам да ја изразам својата длабока убеденост дека заедно со нас – активните учесници, кај Вас трае и тоа во различни форми, на разни начини, преку заемни влијанија и конфронтации – и понатаму се развива и расте ‒ неизгасливата традиција на отворената современа европска поетска култура, која на сите страни апсорбира и емитира – однатре ги надминува и однадвор ги прима – различните национални, европски, но и други подвижни граници. Токму отворената жива европска култура како феномен составен од многу различни извори за мене претставува творечка основа на целата наша денешна заедничка Европа како проект и факт.
Почестен сум што можам отворено да се приклучам кон таквото поликултурно поетско наследство, кон постојаното создавање на единствениот сопствен, жив, неповторлив јазик на човечкото битие, кој го задржува исконскиот „баланс меѓу поединецот и општото“ – како што своевремено точно забележа Албер Ками“, вели во поздравното обраќање на лауреатот Штрпка.
Добитник на наградата „Мостови на Струга“ за 2025, која што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е полскиот поет Матеуш Шимчик за неговата збирка „Потребни се извори“.
Шимчик роден е 1989 година во Вроцлав во Полска, каде што моментално живее. Студирал етнологија и културна антропологија, но истовремено имал и двегодишна авантура со технолошките науки. Повеќе од една деценија е вклучен во рецензирање ракописи на англиски јазик за неколку полски издавачки куќи.
Во 2022 година ја освојува главната награда на поетскиот конкурс „Јацек Бјережин“, а на списокот на своите литературни победи во 2024 година го додадава триумфот на престижниот натпревар „Кажимјера Илаковичувна“. Oбјавен е во неколку полски книжевни списанија, a “Потребни извори“ е неговата дебитантска поетска збирка. Омилена активност му е возењето велосипед.