
Следниот попис на населението треба да се спроведе во 2031 година, а Државниот завод за статистика и Министерството за дигитална трансформација работат на подготовка на условите тој да биде спроведен електронски.
-Согласно меѓународните стандарди и согласно резолуцијата којашто минатата година беше донесена на генералното собрание Статистичката комисија во рамките на Обединетите нации (ОН) следниот попис на население на глобално ниво е планирано да се спроведе околу 2030 година, односно 2030-2031 година – рече Дејан Станков, директор на Државниот завод за статистика.
Во таа насока, како што изјави тој, ДЗС започнал со подготовки за воспоставување статистички систем базиран на регистри бидејќи, како што вели, целта е следниот попис да биде спроведен електронски со користење на статистичката методологија која службено се нарекува користење административни извори.
За таа цел, рече Станков, започнати се активности за воспоставување регистар на население каде што заедно со институциите кои поседуваат административни податоци или, како што вели директорот, се носителите на тие податоците, се испитува нивниот квалитет.
-Она што како држава мораме да го направиме во следниот период е сите институции заедно да работиме под водство на Државниот завод за статистика за подобрување на квалитетот на административните извори, односно овој квалитет да го доведеме до едно ниво коешто е соодветно за статистичките стандарди и на тој начин да спроведеме попис којшто е базиран на административни извори – изјави тој.
Според него, овој статистички регистар на населението овозможува и други придобивки.