
Следниот месец бродска линија од Солун за островите Скијатос, Скопелос и Алонисос
Кон крајот на јуни се очекува одново да биде воведена бродската линија од Солун до Спорадите, односно до островите Скијатос, Скопелос и Алонисос што ќе функционира во текот на летниот период.
Кон крајот на јуни се очекува одново да биде воведена бродската линија од Солун до Спорадите, односно до островите Скијатос, Скопелос и Алонисос што ќе функционира во текот на летниот период, јави дописничката на МИА од Атина.
Градоначалникот на Скијатос Тодорис Ѕумас преку социјалните мрежи информираше дека „по неколкумесечни напори, одобрено е финансирање на морското поврзување помеѓу Солун и северните Споради“.
Според солунските медиуми, средствата за финансирање на конкретната линија ќе бидат обезбедени од перифериите Централна Македонија и Тесалија, се очекува наскоро да започнат процедурите за тендер, а министерот за поморство Василис Кикиљас, вчера телефонски го информирал градоначалникот на Скијатос за одлуката.
– Заедно со градоначалниците на Солун и Скопелос, долго време се бориме за отпочнување на бродската линија и оваа година. Се надеваме на што е можно поскоро започнување на линиите што го поврзуваат Солун со Скијатос, Скопелос и Алонисос, со цел да им бидат на располагање на жителите на северна Грција и да дадеме туристички поттик на северните Споради“, нагласи Ѕумас за информативниот портал „Вориа“.
Бродската линија, според најавите, оваа година се очекува да започне порано од лани, првиот траект да тргне околу 20 јуни, додека пак минатото лето беше воведена во јули.
Траектите од Солун за трите острови се очекува да сообраќаат во текот на целото лето до септември.