Следната средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот нa Косово, Албин Курти, ќе се одржи на 18 март во Охрид, со посредство на ЕУ, потврди во Брисел висок претставник на ЕУ, јавува РТС.
„ЕУ очекува од средбата договор за планот за имплементација, кој е составен дел на европскиот предлог за договор за патот кон нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“, рече функционерот, нагласувајќи дека формирањето на Сојузот на српските општини „беше и останува најтешкиот дел од разговорот“.
Европскиот функционер изјави дека целта на разговорите во Охрид е да се склучи договор за имплементација, а доколку тоа не е можно, ќе биде јасно дали тоа е поради опструкција на една од страните или затоа што треба повеќе да се работи на договор.
Тој додаде дека високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, на самитот на 23 и 24 март ќе ги извести лидерите на ЕУ за резултатите од разговорите.
„Без договор за имплементација, европскиот план би бил само необврзувачка политичка декларација“, наведуваат во Брисел, нагласувајќи дека двата „интегрални“ делови на предлогот за нормализација ќе бидат потпишани на крајот од процесот, кој ќе стане правно обврзувачки договор за двете страни.
Разговорите за Заедницата на српските општини сè уште се многу чувствително прашање на Косово и Метохија и не напредувале далеку, според официјалниот претставник.
„Нашиот став е дека договорот за Заедницата, постигнат пред 10 години, мора да се спроведе. Косово треба да го промени наративот за ова прашање. Постојат најмалку 16 модели во Европа кои можат да послужат како пример и инспирација“, велат претставниците на ЕУ.
Функционерот на ЕУ не сакаше да ги коментира различните толкувања на средбата што ги дадоа Вучиќ и Курти во медиумите, наведувајќи дека е важно тоа што го кажале лидерите на самата средба.
„Договорот беше прифатен, но без договор за имплементација не вреди многу. Ги замоливме Белград и Приштина во меѓувреме да бидат умерени и да се воздржат од коментари што ќе ја отежнат следната средба“, рече претставникот на ЕУ.