
Славески: Независноста на Народната банка ќе биде задржана и зајакната
Независноста, кредибилитетот, самостојноста на Народната банка, пропишано со Закон и досегашната практика, не само што ќе биде задржана туку ќе биде и зајакната. Не очекувам да има никакви притисоци, а ако има знаеме на кој начин да одолееме, тука не мислам само на политичките структури, затоа што НБ е регулатор на финансиските институции, пред се, на банките, па може да се очекуваат некои предлози што не се вклопуваат во начинот на работење на НБ. Сето тоа ќе го канализираме низ дијалог и ќе го ставиме во закон. Ова го порачува новиот гувернер на Народната банка Трајко Славески во видео интервју за МИА, прво по неговото назначување, во кое најавува и дека постојано ќе се јакне капацитет на централната банка за да остане кредибилна институција.
Независноста, кредибилитетот, самостојноста на Народната банка, пропишано со Закон и досегашната практика, не само што ќе биде задржана туку ќе биде и зајакната. Не очекувам да има никакви притисоци, а ако има знаеме на кој начин да одолееме, тука не мислам само на политичките структури, затоа што НБ е регулатор на финансиските институции, пред се, на банките, па може да се очекуваат некои предлози што не се вклопуваат во начинот на работење на НБ. Сето тоа ќе го канализираме низ дијалог и ќе го ставиме во закон. Ова го порачува новиот гувернер на Народната банка Трајко Славески во видео интервју за МИА, прво по неговото назначување, во кое најавува и дека постојано ќе се јакне капацитет на централната банка за да остане кредибилна институција.
Славески ги претставува очекувањата за економскиот раст, кои вели дека се во исти рамки со владините цели, три проценти за годинава и за наредната четири проценти, што потенцира дека е блиску до потенцијалот на македонската економија, односно можност со сегашните ресурси – инфраструктура, техничка опременост на економијата, расположивата работна сила со целокупното искуство, образование да продуцира.
– Она што треба, и тоа е и ризикот за посакуваната повисока стапка на раст, се неопходните структурни реформи. Ова да не звучи како клише, но сепак има голема содржина на оваа квалификација. Инвестиции во инфраструктура, инвестиции во образование, инвестиции во обуки на работата сила, приспособување на системите, образование, здравство, социјална заштита итн, за да ги задржиме вработените во земјата, во Република Македонија, да немаме одлив на работната сила како што имавме во изминатиов период-сето тоа е нешто на што треба да работат носителите на економските политики со поддршка на политиките на централната банка во наредниот период. На среден рок, јас сум оптимист, дека ќе имаме и повисоки стапки на раст од оние што сме ги имале во изминативе пет –шест години, вели Славески.
Очекува дека со ребалансот на Буџетот, што е во подготовка, ќе има само структурни поместувања, но нагласува дека секако е пожелна фискалната дисциплина. Потенцира дека фиксниот девизен курс ќе остане и во наредниот период и порачува дека во соработка со фискалната власт треба да се трудат да се обезбеди ниска инфлација, односно стабилност на цените, која што ќе биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што, укажува, само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Се осврнува и на состојбата во банкарскиот сектор, каматните стапки за стопанството и граѓаните.
Во продолжение целосното видеоинтервју со гувернерот Трајко Славески:
Гувернере, ова е Вашето прво интервју по преземањето на функцијата. Како ја доживувате оваа одговорност и кој е Вашиот личен мотив за преземање на раководењето со Народната банка?
Во текот на 40 години од мојата кариера, јас сум бил на одговорни работни места – мислам дека поодговорно нешто кон младите генерации немате од тоа да бидете универзитетски професор. Сум поминал низ неколку главни функции во досегашната кариера и ова е уште една од нив, можеби едната е од најодговорните како што вие кажувате. Народна банка на Република Македонија е сериозна институција. Институција којашто е градена со децении по независноста, институција со кредибилитет и треба тој кредибилитет да се зачува и уште повеќе да се зајакне. Кога велам кредибилитет, мислам на луѓето коишто настапуваат во име на НБ на РМ, тоа не е само гувернерот, тоа се и потесното раководство и вработените на разни настани. Ние ќе се трудиме, јавноста да им верува на збор, затоа секој збор искажан и од моја страна и од моите соработници – верувајте се темели на долго искуство, традиција, издржани анализи за состојбите во македонската економија, особено во финансискиот сектор.
Мојот мотив беше да придонесам со моето акумулирано досегашното знаење и теоретско и практично во зајакнувањето на оваа институција, во водењето на монетарната политика, односно остварување на целите што се зацртани со закон за остварување на ценовна и финансиска стабилност, поддршка на долгорочниот економски развој на земјата. Мислам дека ќе можеме заедно со мојот тим да одговориме на сите овие предизвици.
Во јавноста имаше реакции дека Вашето именување е политички мотивирано. Како одговарате на коментарите за можно нарушување на независноста на Народната банка?
-Видете јас секогаш сум се придржувал на Уставот на РМ, законите, дадов и свечена изјава пред Претседателот на Собранието веднаш после носењето на одлуката за мое именување, дека ќе се придржувам на постојната законска регулатива и не е само тоа што ме обврзува. Ме обврзува да речеме институцијата – Народна банка на Република Македонија, јас сум бил присутен во Парламентот на РМ на самиот чин на носење на Законот за НБ, на 26 април 1992 год. и денот на монетарно осамостојување на РМ и некако сум, така да кажам и емотивно приврзан. Сега во вакви околности секогаш ќе има луѓе кои ќе стават некои забелешки, јас и во својата прва изјава при давањето свечена изјава кажав дека ќе се потрудам да ги убедам во спротивното, дека независноста, кредибилитетот, самостојноста на НБ на РМ, пропишано со Закон и досегашната практика не само што ќе биде задржана туку ќе биде и зајакната. Јас не очекувам да има никакви притисоци, или ако има такви притисоци ние знаеме на кој начин да одолееме и тука не мислам само на политичките структури, затоа што внимавајте НБ е регулатор на финансиските институции, пред се, на банките, па може да се очекуваат некои предлози којшто не се вклопуваат во начинот на работење на НБ, ние сето тоа ќе го канализираме низ дијалог и ќе го ставиме во закон.
Сега дозволете да ја спомнам онаа дилема во јавноста дали некој експерт би бил подобро решение за ваква важна позиција како што е Народната банка. Немате никаква гаранција дека некоја личност која не е проверена, не е филтрирана, да речеме сте поминале 40 години академска кариера, сте ставиле потпис на положен испит на неколку десеттини илјади дипломирани студенти, магистранти, докторанти и така натаму, без ниту една дамка во кариера. Сте вршеле високи функции два пати министер на финансии, еве и во Совет на Град Скопје и така натаму, и повторно немате никаква забелешка од аспект на вршењето на функцијата. Мислам дека со тек на времето ќе избледат тие забелешки и критики. Како што кажав дека и некој еве да речам имагинарен експерт мислам дека може да биде повеќе подложен на притисоци, на разни лоби групи, одошто една личност којшто поминала многу филтри и има институционална меморија како што кажав и за институцијата НБ и во вршењето на важни одговорни функции си докажал дека сепак се раководи според Уставот и законите. Значи јас ги примам сите забелешки, сите критики но како што кажав да повторам мислам дека јавноста и критичарите ќе се убедат на спротивното многу скоро.
Гувернере споделете ни ја вашата визија за улогата на НБ во наредните седум години и од аспект на обезбедување економска стабилност и во однос на новите финансиски технологии и иновации?
-Визијата е да се зачува независноста, самостојноста, да се гради капацитетот, а капацитетот е во луѓето. Таму има одлични тимови, некаде околу 400-450 вработени од разни профили, разни професии, пред се финансиски експерти, ќе се трудиме постојано да го зајакнуваме тој капацитет и во иднина се со цел НБ да остане кредибилна институција. НБ е регулатор и будно ги следи состојбите на дневна основа во финансискиот систем, банките и да речам други финансиски институции еве сега и платните системи и така натаму, затоа што знаеме дека станува збор за инхерентно нестабилни институции. Сега само со два збора за јавноста можеби звучи не толку разбирливо, комерцијалното банкарство кое треба да прибира средства од граѓаните и претпријатијата којшто или се по видување или се депонират на краток рок треба начин да ги претвори во долгорочни заеми било за населението било за претпријатија и тука нормално е да постои некој конфликт меѓу тие две состојби каде што централната банка има важна улога во мониторингот на банките и другите финансиски институции во нејзина надлежност и на целокупниот систем. Сведоци сме на брз развој на технологиите, во шест, седум години во мандатот на еден гувернер може да имаат и две промени генерациски од аспект на технологиите, тука јас имам доверба пред се во постојните институции, односно во индустријата, пред се банкарската индустрија. Само дозволете да спомнам дека на мое многу пријатно изненадување во далечната 2007 година, кога го развиваме системот на безготовинско плаќање со платежните картички, како министер за финансии бев многу пријатно изненаден од респонзивноста на банките коишто во многу краток период технички се опремија и ги прифатија новините. Да потсетам дека на почеток на 2007 година во Скопје имаше само два банкомати, едниот беше во Градскиот трговски центар, другиот во Буњаковец, немаше практика, само да речам некои бизнисмени имаа некој вид на платежни картички, Дајнерс клуб и така натаму и тоа за краток временски рок во соработка меѓу Министерство за финансии тогашно, Владата и секако Народната банка мислам дека прескокнавме генерации или цела ера од аспект на осовременување на системот на плаќање.
Подготвени сме за сите предизвици, сега имаме нови технологии, имаме нови идеи од страна на финансиската индустрија, дигитализација која што треба континуирано да ја спроведуваме во сите области. Мислам дека можеме да бидеме задоволни од она што го прават постојните институциите, банките за сопствено опремување на сопствените процеси, а на дневна база или на неделна база до Народната банка следуваат најави за влез на нови оператори од технологии од финансиската индустрија наречени Финтек коишто НБ сака да ги канализира како регулатор се со цел осовременување на системот на плаќање и олеснување на граѓаните и на фирмите во вршењето на нивните операции. Наместо да одите да чекате на редици, шалтерите на банките, полека полека населението се навикнува да врши електронски плаќања или онлајн купувања. Сето тоа централната банка ќе го поддржи, подготвена е, имаме стручни кадри којшто се вклучени во системот на обуки. Настојуваме на секој начин да се вклучиме во сите процеси, сите институции коишто можат да помогнат во подигање на финансиската писменост на населението во Република Македонија затоа што сето ова брзиот раст во технологија има и своја темна страна, можности за измами на граѓаните за коишто сме информирани преку медиумите и тоа централната банка ќе настојува да придонесе да се сведе на минимум.
Дали ќе има промени во монетарната политика и ќе продолжи ли Народната банка со политиката за стабилен курс на денарот?
-Тука нема никакви дилеми. Ако речеме пред десетина години дека се појавуваа од различни кругови, дали од бизнисот или од некои експерти, неоправдани предлози надвор од политиката на централната банка или на Владата на Република Македонија за дефакто фиксен девизен курс кој што се покажа дека многу добро и служи на Република Македонија, тоа е консензус да речам и на Владата и претходните влади, дури и во јавноста беше постигнат на некој начин консензус, затоа што такви најави и навестувања не сме слушнале.
Фиксниот девизен курс кој добро и служеше на Македонија ќе остане и во наредниот период до, да се надеваме, влез на Република Македонија во Европската Унија и подготовка за воведување на еврото. Единствено што треба да се трудиме, а тоа е и законска цел на Народната банка, во соработка со фискалната власт, односно Министерството за финасии, да обезбедиме ниска инфлација, стабилност на цените. Инфлацијата да биде во рамките на онаа во еврозоната, затоа што само така ќе одржуваме и конкурентност на нашата економија. Доколку, како во изминатите неколку години, имаме инфлација или стапка на инфлација двојно повисока од таа во ЕУ, тоа не е пожелна состојба. Мислам дека е императив, тоа е цврста одлука или став на Владата, дека ниска и стабилна инфлација нуди предвидливост за граѓаните и за бизнисот, а може да биде и основа и поддршка на развојните политики и во иднина, коишто ќе обезбедат стабилен раст, посакуван раст на македонската економија и на среден и на долг рок. Мислам дека тоа е одамна затворено прашање. И јас како професор и како експерт на некои такви предлози сум укажувал дека било какво размислување на промена на паритетот на националната валута може да предизвика многу поголема штета одошто корист. Не може да имате никаква корист затоа што било каква корекција на курсот наредниот ден во отворена економија, во увозно зависна економија, ќе ги подигне цените на ниво кои претходно изразени во евра би биле приспособени. Никој за тоа не размислува затоа што штетата би била огромна, а нема никаква корист.
Го спомнавме економскиот раст, какви се вашите очекувања за стапката на раст на економијата за годинава и наредната и кои се според вас главните ризици за целите на Владата за раст на економијата од 3 до 4 отсто?
-Тука сме во исти рамки, растот ние го предвидуваме за оваа година 3, за наредната 4 проценти и тоа е некако блиску до она што е потенцијалот на македонската економија, односно можност со овие ресурси, со оваа инфраструктура, со оваа техничка опременост на економијата, со расположивата работна сила со целокупното искуство, образование да продуцира. Она што треба, и тоа е ризикот за посакуваната повисока стапка на раст, се неопходните структурни реформи. Ова да не звучи како клише, но сепак има голема содржина на оваа квалификација. Инвестиции во инфраструктура, инвестиции во образование, инвестиции во обуки на работата сила, приспособување на системите, образование, здравство, социјална заштита итн, за да ги задржиме вработените во земјата, во Република Македонија, да немаме одлив на работната сила како што имавме во изминатиов период-сето тоа е нешто на што треба да работат носителите на економските политики со поддршка на политиките на централната банка во наредниот период. А ризиците се секогаш присутни, по моја оценка тие можат да бидат претежно екстерни фактори, нестабилност, еве уште не се гледа крајот како ќе заврши да се дојде до некој потраен мир со војната во Украина, којшто има ефект и на европската и на светската економија, а секако како мала и отворена економија и Македонија е тука засегната. Така што мислам дека на среден рок, јас сум оптимист, дека ќе имаме и повисоки стапки на раст од оние што сме ги имале во изминативе пет –шест години.
Во услови на глобална неизвесност и внатрешни предизвици, како ќе обезбедите стабилност на банкарскиот сектор, а во исто време заштита на интересите на граѓаните, на стопанството ?
-Централната банка уште од формирањето во 1992 година со Законот за Народна банка, постепено ги гради капацитетите за супервизија на банкарскиот сектор. Мислам дека капацитетот е на задоволително ниво, што се покажа и во изминатиов период, имаме состојба што во зависност од ризиците коишто се присутни и преземаат одделни банки, затоа што во банкарскиот сектор имаме неколку системски големи банки, имаме и помали банки, портфолијата кај нив се прилично различни, имаме едно може да се каже шаренило и пристапот е на некој начин приспособен на секоја специфична ситуација. Тоа е во суштината инструментот на Народната банка на Република Македонија да овозможи стабилност на финансискиот систем со тоа што ние можеме и ќе делуваме со испорачувањето на ниска инфлација, да се намалат ризиците од пораст да речеме лоши заеми кај банките. Ако на компаниите и на граѓаните им оди добро, ако растат приходите и кај едните и кај другите, во тој случај тие обврските што ги преземале кон банките ќе можат редовно да ги сервисираат, а тоа влијае и на билансите на банките. Нашиот банкарски систем е капитализиран во голема мера над стандардите што се светски и европски од аспект на адекватноста на капиталот, а за оние банки за кои што се цени дека се поранливи , Дирекцијата за супервизија и Народната банка презема мерки да ги намали тие ризици во нивното работење.
Во интерес на граѓаните и стопанството се и пониски каматни стапки. Може да се очекува олабавување на политиката во тој поглед?
-Трендот е добар, како што може да забележиме имаме еден интересен тренд, каде пазарот, конкуренцијата меѓу банките доведува до една ситуација што ја немавме во минатото, благо растат пасивните каматни стапки, она што како граѓани го добиваме за своите заштеди што ги имаме во банките, а се намалуваат каматите на кредитите и за компаниите и за граѓаните. Во овој контекст не е на одмет да се спомене и очекувањата од унгарскиот дел од кредитот, заемот кој им е ставен на располагање на компаниите со релативно поволни услови за нашите прилики, а тој тренд се надевам да продолжи, ние ќе се трудиме кон тоа, но многу зависи од тоа да имаме поддршка во борбата да обезбедиме ниска стапка на инфлација, како што реков во рамките на онаа во еврозоната и тоа е во интерес на доброто на сите.
Во подготовка е ребаланс на Буџетот, што би и советувале на Владата, со оглед дека за севкупната стабилност во земјава од исклучително значење е усогласеноста на фискалната со монетарната политика?
-При ребаланси се цени каква е наплатата на приходите, реализацијата на расходите, пред се, на капиталните инвестиции, понатаму треба да се одговори на некои нови потреби, јас не очекувам, ќе има само структурни поместувања, а тоа нема да се одрази на реализацијата и ефектите од реализација на буџетот во економијата во којзнае колкава мерка. Секако, фискалната дисциплина е пожелна и тоа е во интерес, определба на Министерството за финансии и на Владата. Сум ја вршел функцијата министер за финансии, и некогаш може да дојде до колизија од аспект на планирање и реализација на проектите, некогаш имате послаба реализација, па кога ќе дојде проект со послаба реализација со некој друг тогаш доаѓа до притисок за обезбедување на средства. Но, мислам дека она за што јавноста беше вчера информирана за потребата од подобра координација помеѓу фискалната и монетарната политика, почести средби на Министерството за финансии затоа што само со координиран пристап може да се води кон стабилност, што е основа за предвидливост во економијата и за Владата и за бизнисот. Ние тоа го имаме институционализирано, колку што е важна улогата на Народната банка во обезбедување на ценовната стабилност, толку е важна и улогата на фискалната политика. Координацијата што ќе ја обезбедиме, ќе одговори на сите можни предизвици.
Каков пристап може да очекува јавноста од новиот гувернер што ќе го разликува од неговите претходници во раководењето на Народната банка?
-Ние по дефиниција, и самото банкарство, а и централните банки сме конзервативна институција, многу сме претпазливи, се мери секој наш збор, дури и интонацијата со која го изговараме зборот и затоа реков ќе се трудиме да бидеме кредибилни, јавноста да ни верува на збор. Охрабрен сум од досегашната историја на проекциите на НБ, тие се меѓу најблиските до фактичката состојба односно реализација во јавност. Секој од нас си носи свој печат, начинот на комуникација внатре, поддршката на вработените, охрабрувањето да го дадат својот максимум, отвореноста кон јавноста, транспарентноста, се што може да придонесе за кредибилитетот на НБ. Се разбира оставаме на јавноста и на медиумите доколку има такви разлики. Ќе има личен печат, но никако драматичен во однос на она што го оставиле како наследство моите претходници кои успешно раководеле со институцијата.
Како нов гувернер што ќе им порачате на граѓаните, стопанствениците, партнерите од земјата и странство, што може да очекуваат од Народната банка под ваше раководење?
Во услови на отсуство на некои поголеми надворешни шокови, како што е овој да речам малку помирен период, обезбедуваме стабилност, предвидливост, стабилен односно фиксен номинален девизен курс, ќе се трудиме реалниот многу да не отстапува, а реалниот девизен курс којшто ја детерминира нашата конкурентност зависи од односот на нашите цени, движењето на нашите и цените на нашите трговски партнери. Граѓаните да бидат спокојни, нивните заштеди се сигурни во банките онаму каде што се пласирани, истото се однесува и на деловните субјекти. Реков, предвидливоста за нив е многу битна да можат да ги планираат своите операции, своите развојни планови, итн…, и тоа НБ ќе го обезбеди. Во многу тесна соработка сме со меѓународните финансиски институции кои па сега, ако ние вршиме мониторинг на финансиските институции, вршат мониторинг и на работењето на нашите институции. НБ во изминатиот период има добар имиџ, многу добро сме примени во соработката со сите тие меѓународни финансиски институции, било да е Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и други билатерални кредитори, тоа ќе продолжи и понатаму и ќе го градиме и понатаму својот кредибилитет.