
Славески: Значајни заштеди од влезот во европските финансиски инфраструктури, инфлацијата годинава под 4 проценти
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, денеска истакна дека се очекуваат значајни заштеди кај сите субјекти по стартот на вршењето плаќања и трансферот на средства преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, денеска истакна дека се очекуваат значајни заштеди кај сите субјекти по стартот на вршењето плаќања и трансферот на средства преку Единствената област за плаќања во евра (СЕПА).
– Очекуваме значајни заштеди за граѓаните и кај приватните бизниси, пред се за малите и средните претпријатија затоа што веќе видливи се првите знаци и поволности од значителното намалување на цената на трансакциите…На долг рок очекуваме многу повеќе да се користат официјалните канали за трансфер на пари за разлика од она што го имаме во моментот и заштедите да бидат уште поголеми, рече гувернерот Славески на 16. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што денеска и утре се одржува во Охрид.
На собирот во Охрид беа разменети и првите искуства од користењето на СЕПА системот и првите трансакции спроведени во текот на овој месец, поточно од 7 октомври наваму.
Славески истакна дека засега не се воведени горни граници со кои би се утврдиле цените на наплата на услугите за самите трансакции од причина да се дозволи, како што рече, банките сами во меѓусебна конкуренција во оваа фаза да ги доведат цените на уште пониско ниво.
Славески потсети и на Меморандумот што пет држави од Западен Балкан го парафираа за воведување на ТИПС – системот за инстантни плаќања што се очекува да биде оперативен некаде од јули наредната година.
– Тоа ќе биде уште еден напредок во модернизација на системот за плаќање во земјата. Тоа е систем што функционира 24 часа секој ден, за разлика од сегашните можности кога системите за порамнување, а со тоа и можностите за вршењето трансфер на средства завршуваат некаде после 15 часот. Сега слободно можеме да располагаме со своите средства, на сигурен начин со ниски трошоци, а од скоро време тие плаќања да се вршат во секунди што многу ќе значи за нашата дијаспора, за студентите кои студираат во странство, секако и за нашите граѓани кои имат потреба од плаќање, а најмногу за компаниите, рече Славески.
Гувернерот одговарајќи на прашања на новинарите рече дека не очекува некаков значаен ценовен удар, ниту зголемена инфлација или недостиг на нафтени деривати во земјата, како последица на последните дополнителни санкции воведени за енергенсите од Руската Федерација. Славески е уверен дека по првичниот благ ценовен удар работите ќе се стабилизираат.
– Има други производители кои имаат капацитети да ги надоместат количествата нафта што можеби нема да бидат испорачани од Русија. Не очекувам некој поголем шок. Согласно проекцииот од Народната банка очекуваме трендот на намалување на инфлацијата забележан последните месеци да продолжи и до крајот на годинава и инфлацијата да не биде поголема од четири проценти. Таргетот за наредната година е да се симне на три и под три проценти, во рамки на инфлацијата забележана во ЕУ, рече Славески.