Славески: Замрзнувањето на цените нема да го ублажи ударот врз стандардот
Професорот на Економскиот факултет – Трајко Славески во интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека „одлуката на Владата да ги замрзне цените на одредени производи е популистичка мерка, со која нема да се ублажи ударот врз животниот стандард“.
„Слушнавме и од стопанството, од компаниите дека ова е една популистичка мерка, која нема да повлијае на заштита на животниот стандард. Затоа што кога го пригушувате стандардот, особено кога се работи за отстапување на она што се трошоци за производство или набавка, знаеме ние дека во нашата дневна палета на производи што ги користиме, користиме значителен обем на производи кои што се од увоз, тука ние не можеме да влијаеме. Реперкусиите ќе се или недостаток на некои артикли на пазарот со замрзнати цени, сива економија и слично. Ова е една непазарна мерка која треба што побрзо да се напушти, да се влијае на факторите, кои придонеле до таков дисбаланс, до таква дестабилизација“ – вели Славески.
Тој потсетува дека во 2007-2008 година кога имаше слична ситуација со цените на енергијата, не биле преземени вакви мерки.
„Нафтата во јули 2008 година достигна цена од 142 долари за барел, сега не е повисока од 75-80 долари беше највисоката и после се симна. Имавме драматичен пораст на цените на житарките на светските пазари. Не замрзнавме цени, тоа е едно добро менаџирање на состојбите, инфлацијата се покажа од времен карактер и цените се смирија за само неколку месеци. Мислам дека лошо се менаџира“ – рече Славески.