СКРМ со остра реакција до министерот Љутков: Задоволен е тој од себе, но дали се задоволни работниците во културата?

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) со остро соопштение реагира на изјавите на министерот за култура Зоран Љутков, кој од собраниската говорница изрази задоволство од, како што ја нарече, „победата“ по одлуката на Апелациониот суд во Битола, поврзана со една од судските постапки што ги води СКРМ.

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) со остро соопштение реагира на изјавите на министерот за култура Зоран Љутков, кој од собраниската говорница изрази задоволство од, како што ја нарече, „победата“ по одлуката на Апелациониот суд во Битола, поврзана со една од судските постапки што ги води СКРМ.

Од Синдикатот посочуваат дека, за разлика од министерската интерпретација, судската одлука е јасна и недвосмислена – предметот е вратен на повторно судење, што, како што нагласуваат, е вообичаена судска пракса и не претставува поништување на пресуда во корист на Министерството.

СКРМ потсетува дека секогаш постапувал одговорно и информирал јавноста дури по официјален прием на судските одлуки, и иронично констатира дека овојпат министерот очигледно бил побрз од нивната пошта. Воедно, Синдикатот го потсетува Љутков на периодот кога биле донесени првите пресуди во корист на културните работници, кои, според нив, тој ги игнорирал и тогаш тврдeл дека не бил запознаен со нив.

„Тие пресуди вешто ги релативизиравте, баравте алиби и тврдевте дека судиите биле партиски наклонети, сведувајќи ги судските одлуки на политичка волја“, наведуваат од СКРМ, прашувајќи реторички дали оваа одлука, која веднаш била јавно истакната од министерот, сега одеднаш е прифатлива затоа што одговара на неговата волја.

Синдикатот нагласува дека нема намера да ги игнорира судовите и пресудите, туку напротив – ќе продолжи јавно да ги коментира, бидејќи јавноста има право и обврска да дебатира за општествените процеси, вклучително и за судските одлуки. Од СКРМ додаваат дека е сосема очекувано дел од постапките да продолжат пред Апелациониот и Врховниот суд, а доколку е потребно и пред Судот за човекови права во Стразбур.

Членството на СКРМ, како што се наведува, е свесно дека станува збор за долг и исцрпувачки процес, но и уверено дека правдата на крајот ќе биде на нивна страна, по што ќе се бара и јавно и судско утврдување на одговорноста.

„Дотогаш, министре, дозволете да Ви честитаме за задоволството што го покажувате. Но од вашата работа треба да бидат задоволни сите вработени во културата, а не само Вие“, порачуваат од Синдикатот.

Инаку во гостувањето во „Трилинг“ министерот Љутков околу обвинувањата од Синдикатот на културата за системско непочитување на колективните договори, намалување на платите на културните работници за 3%, до целосно игнорирање на законските обврски од страна на Министерството за култура, изјави дека голем дел од членовите на СКРМ не се сложуваат со овие ставови.

„Не можеме на Фејсбук постови да реагираме. Некој си седнува и на секои два-три дена си пишува некаков пост. Како може јас да не ги почитувам законите? Зарем некој ќе помисли дека министерот за култура, којшто доаѓа од фелата, којшто доаѓа од Драмски театар, којшто одлично ги познава состојбите ќе оди против своите колеги? И тоа постојано го зборувам на моите колеги, затоа што тоа што се случува сега во СКРМ, тоа не е фер бидејќи тоа не е точно. Тоа се шпекулации. И бидејќи многу често ги повикувам на состаноци, доаѓале и никогаш не сакале да разговараат на оваа тема – да ги подобриме условите. Никогаш. Морам да објаснам, во ниту еден момент како министер за култура и како човек и како актер не сум застанал против колективниот договор за култура. Напротив, мислам дека е еден од најдобрите колективни договори во Македонија“, рече Љутков.

(ВИДЕО) Љутков тврди: Синдикатот на ФБ објавува шпекулации, а во кабинет признава грешки