Од Град Скопје попладнево испратија реакција во која велат дека не ја разбираат потребата да се констатираат дека „Скопје е тажно“ и дека „Скопје нема да се накити“ за време на Новогодишните празници.
„Секоја година истите луѓе се демантирани. Не од нас, туку од граѓаните кои се фотографираат со Новогодишните украси во градот. За загрижените да информираме – Градот Скопје и оваа година ќе биде украсен но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки“, велат од Град Скопје.
Од таму додаваат дека некој треба да одговори за како што велат „како трошел по фирмички за китење годишно помеѓу 90.000 и 245.000 евра за украсување, пари на граѓаните кои завршувале во приватни џебови, а сега градот се кити за 30.000 евра“.
„Минатата година, во време на најголемата глобална економска и енергетска криза, градот беше накитен без дополнителни трошоци, а средствата предвидени за китење, но и трошоците кои порано се правеле за ручеци и пиење по кафани, беа наменети за ранливите категории на граѓани. Украсувањето е започнато, а како и секоја година, главниот град ќе блесне со Новогодишна магија на 15-ти декември“, додаваат од Град Скопје.