Нема да го собереме сметот додека не се вратат на работа отпуштените колеги. Вработените од Комунална хигиена револтирани од раководството кое не го исполнило ветувањето за зголемување на платите, к-15 и бенефициран стаж.
Последната одлука на компанијата, кога според нив, без никаква причина не им се продолжени договорите на десетици нивни колеги а многумина бидејќи протестирале добиле опомена за отказ, само ја прелила чашата.
„Дали знаете на какви опасности сме изложени низ градот. Одиме ѓубрето го зимаме а тие се кријат. Еве ги ѓубреџиите. Потценувачка работа. А платата најниска. Да се разбереме, не стасаа и минималците. Само што дојде синдикатот да не поддржи другиот ден ги брка. Ние не бараме нешто што не ни следува, ние бараме тоа што ни следува да ни се даде“ – вели Владо Ѓорѓевски возач на камион во ЈП Комунална хигиена за ТВ24.
Од Комунална хигиена пак велат дека десетина луѓе го блокирале претпријатието. Според директорката, Косана Мазнева, неколкумина, меѓу кои дел се сега отпуштени од работа, оделе само втора смена на работа, иако според правилникот сите треба да се менуваат, само за да земат повеќе пари. Дел од вработените не се ни појавувале на работа. Поради заканите кои ги упатиле до раководството, откако биле отпуштени од работа, пријавени се во МВР.
Од Синдикатот на Комунална хигиена, велат дека досега неколкупати се обидувале да разговараат со директорката за проблемите со кои се соочуваат…На една средба, како што велат, директорката вулгарно им се обратила и им порачала дека ако сакаат повеќе пари да одат пред градското собрание.
Косана Мазнева на директорската функција дојде во јули 2022 годинана на местото на Зуди Кока кој заработи отказ поради неговиот брат, кој за време на протестите во Скопје, со огнено оружје пукаше на плоштадот Скендербег.