Скопје Прајд: „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска ја организира Парадата на гордоста во Скопје, под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“

Почетната точка ќе биде во паркот „Жена-борец“, а по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици.

Настанот во вечерните часови ќе заврши со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк. Ова е трета Парада на гордоста, која се одржува по паузата од две години, заради корона пандемијата.

Претседателот Стево Пендаровски посети волонтери и организатори на парадата на гордоста Скопје прајд 2022, со кои имаше можност директно да поразговара за начинот на организирањето на парадата, од логистика и прием на гости, до дадената институционална поддршка, безбедносните и промотивните прашања.

По повод одржувањето на Скопје прајд 2022 година, претседателот Пендаровски ја упати следната порака:

„Прифаќањето на различностите и ослободеност од предрасуди се показател на зрело, демократско и отворено општество кое е подготвено да направи простор за секој од неговите членови. Имаме заедничка одговорност да овозможиме уживање на основните права и себереализација на секој, без страв од отфрленост, особено кога станува збор за ранливите заедници.

Скопје прајд 2022 е парада на различност, прифаќање и дружба на ЛГБТИК+ заедницата, но и можност за сите кои ја разбираат и прифаќаат различноста по основ на сексуална ориентација и родов идентитет да ја искажат својата поддршка.

Очекувам третата парада на гордоста во Скопје да се одржи во мирна атмосфера, без инциденти, во атмосфера на толеранција и прифаќање. Да покажеме солидарност со нашите сограѓани затоа што достоинството, еднаквоста и правдата се за сите граѓани.