Министерството за надворешни работи вчера врачи вербална нота до бугарското МНР во која најостро ги осудува написите „Македонија е Бугарија“, кои можеа да се видат во рацете на дел од пратениците завчера за време на заседанието по првата точка во бугарското Народното собрание, но и усно пренесени од говорницата за време на истата седница.
– Таквите пораки се спротивни на европските демократски вредности, но и спротивни на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и не придонесуваат во негувањето на принципите и духот на Договорот, се наведува во вчерашното соопштение на МНР.
Во соопштението се посочува дека земјава очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Северна Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава.
Министерство за надворешни работи на Бугарија, пак, вчера соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.
Ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Во соопштението се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.